Часовникот престана со работа

По 24 август 1963-та, Хамбург испаѓа од Бундеслига

Нема веќе чуда, судбината му сврте грб на Хамбург - дојде крајот на една ера обележана со часовникот на „Фолкспарштадион“ - дигитален тајмер инсталиран во 2001 којшто до денес означуваше 55 години непрестано учество во Бундеслигата.

Хамбург беше единствена германска екипа која што никогаш не го напуштила елитното друштво. Хамбург е и еден од најстарите германски клубови со 130 години постоење.

Во последните сезони едвај со тешки маки се спасуваше да не испадне, победуваа во баражот за опстанок но од денес и официјално се второлигаши.

Во последното коло на Бундеслигата денес Хамбург не успеа да направи чудо и да ја избегне Zweite Liga преку нов бараж. Иако ја победија Борусија Менхегладбах, испаѓаат од лига поради тоа што Волфсбург го победи Келн со 4-1 и обезбеди бараж.

Бесните навивачи фрлаа бакљи и предмети на терен и направија 10-минутен прекин на мечот:

Необично, Хамбург од 2014-та до денес беше несовладлив во баражот и им го рушеше сонот за Бундес на Гројтер Фурт (два пати) и Карлсруе. Минатата сезона во 88’ минута се спаси и во бараж го турна Волфсбург кој мораше да се вади на крајот од мај за да остане прволигаш.

365 дена по тој дуел меѓу „Волците“ и „Диносаурите“ ситуацијата е спротивна.

ХАМБУРГ ИСПАЃА ПО 55 ГОДИНИ

Светло на крајот од тунелот за Хамбург донесе тренерот Кристијан Тиц кој стана в.д. кога дојде од Хамбург Б, втората екипа. На 7 меча на колку што го водеше клубот собра далеку повеќе бодови од неговите претходници Гиздол и Халербах - 10 бода за Хамбург кој немаше победа од ноември лани.

Денес во последното коло Хамбург ја пречека Борусија Менхенгладбах додека Волфсбург беше домаќин на испаднатиот Келн.

Интересно навивачите на Хамбург му понудиле на Келн 1.500 литри пиво во случај да им направат услуга на „Фолксваген Арената“. Но ни тоа не помогна. Волфсбург славеше со 4-1 па залуден беше триумфот на Хамбург од 2-1.

Денес навивачите заборавија на 15-те шампионски титули, на финалето на Куп на шампиони - освоениот пехар таму во 1983 благодарение на Феликс Магад.

Како претпоследен на табелата со мизерни 28 бода - 7 победи а 19 порази и најлош напад во Бундес (очајни 27 голови - најдобри стрелци им се Холтби и Костиќ со по 5 гола), Хамбург оди во втората Бундеслига.

На Хамбург сезонава му фалеше Николај Милер, најголемото засилување (генерација 1987) којшто постигна гол на отворањето на сезоната против Аугзбург и при прославата на голот тешко се повреди (скинати вкрстени лигаменти) поради што паузираше цели 7 месеци.

Хамбург од тој момент беше во слободен пад. Смени тројца тренери, имаше серија на порази и дигитален тајмер кој жално ги одбројуваше деновите и часовите во елитното друштво.

12 мај 2018-та година стана датум на првото историско испаѓање во втора лига на славниот Хамбург. Престана да отчукува и часовникот на стадионот. И покрај очајните резултати на клубот сезонава, Хамбург ја имаше петтата најдобра просечна посета со околу 50.656 гледачи на домашен терен.

КОИ ЕКИПИ ВО СВЕТОТ НИКОГАШ НЕ БИЛЕ ВТОРОЛИГАШИ

Испаѓањето на Хамбург денес, ја намали групата на тимови кои никогаш не играле во втора лига.

Во Италија тоа е Интер - единствениот италијански клуб кој се гордее со својата прволигашка традиција. Во Топ 5 лигите на Европа, Реал Мадрид, Барселона, Атлетик Билбао и ПСЖ исто никогаш не биле второлигаши со тоа што во реалноста Парижаните се дискутабилни во 1972 година клубот се поделил на Париз ФЦ (останал во прва лига) и Пари Сен Жермен кој тргнал од аматерската трета лига.

Од раѓањето на Премиер лига во 1992 година никогаш не испаднале Арсенал, Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Тотенхем и Челси.

Во Холандија чувството на прволигаш никогаш не го напуштиле Ајакс, Феенорд, ПСВ Ајндховен и Утрехт. Во Португалија очекувано тоа се Бенфика, Порто и Спортинг Лисабон. Аналогно и во Турција, гигантите Бешкиташ, Галатасарај и Фенербахче не испаѓале никогаш (Трабзонспор е редовен во првата лига од 1974/74).

Во Грција исто триото Олимпијакос, Панатинаикос и Паок се целиот свој живот прволигаши иако Панатинаикос во последно време се соочува со страшна финансиска криза од која како да нема излез.

Тука се и шкотските Селтик и Абердин (Ренџерс знаеме дека играше четврта лига откако отиде во стечај). Во Украина - Динамо Киев, во Русија ЦСКА, Спартак и Локомотив.

За љубителите на Јужно-американскиот фудбал: Бока Јуниос, Крузеиро, Фламенго, Сантос и Сао Паоло како и Коло Коло (Чиле) и Барселона (Еквадор), уругвајските Национал и Пењарол па се до Атлетико Национал, Милионариос и Индепендиенте Санта Фе од Колумбија. Еден круг кој остана пократок по падот на Хамбург.