Откриена вистината за Хилсборо

По 23 години чекање откриени се документите за „најзаташкуваниот" случај и најголемата трагедија која се има случено на фудбалски стадион во Британија. За загинувањето на 96 гледачи не се виновни навивачите на Ливерпул.

Вистината за трагедијата на стадионот Хилсборо излезе на виделина по 23 години. Објавени се владини документи според кои вината за загинувањето на 96 навивачи на Ливерпул и 766 повредени гледачи, ја сноси полицијата, а не навивачите.

Британскиот премиер Дејвид Камерон јавно се извини оцрнувањето на навивачите на тој начин што 23 години се прикривале документи и целата вина била префрлана кон нив.

Трагедијата се случи на 15 април 1989-та година на полуфиналниот натпревар од ФА Купот помеѓу Ливерпул и Нотингем Форест кој се одигра на стадионот Хилсборо во Шефилд. На неколку минути пред почетокот на натпреварот повеќе илјади навивачи се обиделе да влезат на веќе преполната трибина по што трагедијата била неизбежна. Помеѓу 96-та загинати имало и 22 малолетни, а најмладиот имал само 10 години.

По повеќе од 20 години борба, семејствата на загинатите конечно добија пристап до скриените документи од 80 институции на 400.000 страници во кои може да се види дека за трагедијата не се виновни пијаните навивачи на Ливерпул како што до сега се тврдеше, туку дека инцидентите започнале заради оперативни пропусти, а полицијата за сите овие години прикривала документи и ширела лажни информации за случувањата на Холсборо.

13 септември 2012 - 09:19