Офсајд лик на месецот: Хуан Флорес

Мислите дека имате лош ден или лоша недела на работа? А што да каже Хуан Флорес за кого на сајтов пишуваме почесто од Величе Шумуликоски? Перуанскиот голман е навистина за жалење.

За Хуан Флорес прв пат напишавме на стартот од новата сезона во Перу кога на натпреварот против Спортинг Кристал при обид да испадне фраер во својот шеснаесетник, голманот на Унион Комерсио направи голем гаф.

Веќе следната недела, Флорес ни крив ни должен прими невиден автогол на натпреварот против Университарио.

Пред две недели, кутриот голман прими уште еден автогол по што нивниот тренер изјави дека тие треба да бидат запишани во Гинисовата книга на рекорди како најмалерозниот клуб на светот.

Но тоа не е се. Ситуацијата на Хуан Флорес туку што стана уште полоша. Во вторникот тој заработи условна затворска казна во траење од три години.

37-годишниот голман е осуден затоа што при тепачка во ноќен клуб, тој му го одгризал увото на противникот. Флорес ќе треба да плати и казна од околу 3.550 долари.

Претходните офсајд ликови погледнете ги тука.

4 септември 2013 - 09:04