Обновената врска меѓу Манчестер Јунајтед и Аргентина

Иако Алекс Фергусон немаше високо мислење за аргентинските фудбалери, на „Олд Трафорд" во моментов клучни играчи се Анхел Ди Марија и Маркос Рохо кои летово дојдоа во Манчестер.

По заминувањето на Чичарито Ернандез во Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед го загуби пазарот во Мексико, каде во 2011-та имаше доминантна продажба на црвените дресови со презимето на напаѓачот.

Продажбата на дресовите на Ернандез во Мексико во еден момент била за 300% поголема од било која друга реплика на дресови, по што Манчестер Јунајтед успеа да ја симне Барселона од тронот во оваа земја, откако Најк објави дека дресот на Чичарито оди како алва во сите нивни продажни места.

Сепак напаѓачот замина во Реал Мадрид, а во Јунајтед дојдоа Ди Марија и Рохо, клучни фигури на Манчестер во последните неколку кола. Од таа причина, „црвените ѓаволи" решиле својата пазарна политика да ја фокусираат на Аргентина, каде дресовите на левото крило станале сè попродавани, особено во Буенос Аирес.

Врската на Манчестер Јунајтед со Аргентина беше доведена во прашање по критиките на Сер Алекс Фергусон на сметка на „гаучосите", а Ферги најмногу мака имал со Верон. Во тој период, ривалството меѓу Англија и Аргентина беше сè поголемо, особено после црвениот картон на Дејвид Бекам на дуелот меѓу двете селекции на СП во Франција 98'-ма, како и поради политичкиот спор околу Фолкландските острови.

„Никако не можев да се разберам со Верон. Две години беше во екипата, а не се трудеше да научи ни збор англиски. Знаеше само да каже „мистер". Признавам дека аргентинските фудбалери се најтешки за работа", напишал Ферги во својата биографија.

Добра основа за уште посилна врска меѓу Јунајтед и Аргентина ќе биде и пријателскиот меч меѓу Португалија и Аргентина, кој на 18-ти ноември ќе се игра на „Олд Трафорд". Навивачите на Манчестер ќе можат да го видат Кристијано Роналдо, Анхел Ди Марија и Маркос Рохо.

Или можеби уште некој друг Аргентинец во блиска иднина.