Неумесна новинарка и твит на Лидс кренаа прашина

Во последниот меч од 2020-та година Лидс Јунајтед не остави камен на камен од Вест Бром на Сем Алардајс и ги прегази со 0-5. Нашиот репрезентативец Алиоски постигна супер гол.

Денес спортските медиуми на Островот помалку се занимаваат со блескавата партија на тимот на Бјелса, а повеќе со твит од профилот на Лидс Јунајтед усмерен кон коментаторката на Амазон Прајм и некогашна фудбалерка, Карен Керни.

„Тие (Лидс) трчаат повеќе од сите и тоа е за пофалба. Единствено што мислам е дека Лидс може да падне до крајот од сезоната. Веќе видовме такво нешто неколку години наназад. Искрено сметам дека Лидс обезбеди промоција во Премиер лига, благодарение на КОВИД-19 кој и дозволи на екипата да одмори. Не знам дали ќе влегоа во Премиер лига ако не беше таа пауза“, рекла Карен Керни после мечот ВБА - Лидс (0:5).

Лидс твитна видео од нејзината изјава со пропратен коментар:

„Промовирани во Премиер поради Ковид“
Освоен Чемпионшип со 10 бода предност
Подрав прајмвидеоспорт

Овој твит на Лидс експлодираше на Твитер со речиси 50.000 фејва и многу ретвитови и дискусии.

Многу корисници на Твитер ја нападнаа прес-службата на Лидс и ги обвинија дека ја подвргнале Керни на многу навреди. Таа е поддржана и од колегите, но и од Рио Фердинанд кој искоментира: „Избришете го твитов“.

А во одбрана на прес-службата застана претседателот на Лидс, Андреа Радрицани. Италијанскиот бинисмен и самиот ја искритикува Карен Керни:

„Ја земам на себе одговорноста за твитот на клубот. Сметам дека тој коментар е совршено неуважувачки во однос на нашиот клуб и посебно на фантастичната работа на играчите и стручниот штаб која што ја извршија во последните две сезони во Чемпионшип“.

30 декември 2020 - 14:57