Некој славеше до рани зори, некој плачеше - Кои селекции ќе играат на Европско?

Од вкупно 4 натпревари на кои се решаваа конечните патници на ЕВРО2021, на 3 меча имаше голема драма. Познати се сите учесници на континенталниот собир следното лето.

На 4 средби гостите однесоа 3 победи. Македонија со голот на капитенот Пандев донесе незапаметено славје во нашата земја и успех за кој допрва ќе се свестиме колку е голем.

Гостувавме во Грузија од 18 часот, речиси 3 часа пред останатите 3 натпревари. Први од сите синоќа обезбедивме пласман на Европско првенство.

Вечерта донесе големи драми ширум Европа.

ШКОТСКА ЈА ПОБЕДИ СРБИЈА НА ПЕНАЛИ И ПОСЛЕ 24 ГОДИНИ ЌЕ ИГРА НА ЕВРОПСКО

Шкотланѓаните прво во полуфинале во пенал-рулет го совладаа Израел и закажаа финале со Србија во Белград.

Несвојствено за нив, од прва минута тргнаа во сериозна офанзива и активен пресинг. Од таа игра создадоа неколку шанси но полувремето заврши како и што почна 0:0. Во вториот дел Рајан Кристи од Селтик во 52' минута го отвори резултатот.

И чуваше Шкотска предност до буквално 90' минута кога центарфорот на Реал Мадрид Лука Јовиќ го натскока Мектомини и со глава израмни на 1-1. Се прејде во продолженија кои завршија без голови па следуваше пенал-рулетот.

Таму херој за Шкотска 35-годишниот голман Дејвид Маршал кој му го одбрани клучниот пенал на Александар Митровиќ (7 промашени од 22 пенали во кариерата) и Шкотите полудеа од среќа. Заслужено одат на Европско после 24 години чекање! Последен пат играа во 1996-та во Англија.

На ЕВРО2021 Шкотска ќе отвори против Англија на „Вембли“ во Лондон. Во група со нив ќе бидат уште и Хрватска и Чешка.

УНГАРИЈА ШОКАНТНО ВО 92' МИНУТА СЕ ПЛАСИРАШЕ НА ЕВРО

Во голем дел од мечот на „Пушкаш Арена“ Исланд водеше. Гилфи Сигурдсон изведе еден слободен удар а голманот Петер Гулачи несмасно си ја внесе топката во гол во 11' минута.

Унгарците направија епски пресврт во последните секунди од мечот. Прво натурализираниот Французин Лоик Него израмни на 1-1 по едно рикоше. А во 92' минута младата ѕвезда на европскиот фудбал Доминик Собослаи донесе незапамтена радост за Унгарија:

СЛОВАЧКА ВО ПРОДОЛЖЕНИЈА ДО ГОЛЕМ ПОДВИГ

Словаците во полуфинале на пенали ја елиминираа Република Ирска, а Северна Ирска исто по пенал серија ја добија Босна и Херцеговина.

Финалето во Белфаст, единствен меч игран пред публика синоќа, стигна до продолженија но не и до пенали. Словачка поведе преку Јурај Куцка во 17' минута, но домаќинот израмни во 88-ма по автоголот на Милан Шкриниар.

Следуваа продолженија каде во 110' минута Михал Дураш искористи еден кикс на Џони Еванс и удри печат на визата на Словачка за ЕВРО2021

Словаците ќе играат во група со Шпанија, Шведска и Полска

КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА ЕВРОПСКОТО 2021:

Група А: ТУРЦИЈА, ИТАЛИЈА, ВЕЛС, ШВАЈЦАРИЈА
Група Б: ДАНСКА, ФИНСКА, БЕЛГИЈА, РУСИЈА
Група Ц: ХОЛАНДИЈА, УКРАИНА, АВСТРИЈА, МАКЕДОНИЈА
Група Д: АНГЛИЈА, ХРВАТСКА, ШКОТСКА, ЧЕШКА
Група Е: ШПАНИЈА, ШВЕДСКА, ПОЛСКА, СЛОВАЧКА
Група Ф: УНГАРИЈА, ПОРТУГАЛИЈА, ФРАНЦИЈА, ГЕРМАНИЈА

ЕВРО2021 ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули следната година на 12 стадиони во 12 различни градови.

Домаќини се Рим, Лондон, Билбао, Букурешт, Будимпешта, Баку, Минхен, Копенхаген, Амстердам, Глазгов и Даблин.