Нека трепка

Серија А излезе со еден статистички податок на кој нема Македонец кој не би се гордеел. Во друштво на топ 10 активни фудбалери во Серија А со најголем број на настапи, да ти бил и Горан Пандев и тоа на трета позиција.

Со 475 средби во Серија А, Горан Пандев е пред многу славни италијански и странски имиња, меѓу кои и столбовите од одбраната на Јувентус, Кјелини и Бонучи.

Ако биде стандарден и оваа сезона во дресот на Џенова, тој може да стигне и до голем јубилеј од 500 настапи, што би било јако.

Пандев е жива фудбалска легенда која на 37 години ја однесе Македонија на Европско и го постигна деби гол на мечот против Австрија, а на арената Јохан Кројф беше испратен во репрезентативна пензија на величествен начин.

Сезоната 2021/2022 ќе биде негова седма во дресот на Џенова и вкупно 18-та во Италија, а ова достигнување, кој знае кога ќе го повтори друг македонски играч во топ 5 европските лиги.

Ја ѕирнавме и листата на најдобри активни стрелци во Серија А, а на неа македонско знаме. Друштвото е елитно, а на Пандев му треба само еден гол за да се искачи од петто на четврто место каде се наоѓа Мертенс.

Знаете што, следниот податок исто така е жива вистина и не е фотомонтажа. На вечната листа, Пандев има повеќе настапи во Серија А од еден Франко Барези, а со уште четири настапи ќе ги мине Дел Пјеро и Перуци. Неверојатно. Се збунивме кога прочитавме.

Ете тоа е Горан Пандев, човек кој ако може некако да го клонираме и да го вратиме во репрезентација.

11 септември 2021 - 19:10