Најповторувани и најдосадни изјави на македонските тренери

Понесени од пресот на Пеп кој проблемите со грлото на Де Брујне ги објасни во стил на комичар, на работа фативме да ги споредуваме прес конференциите на нашите тренери со оние во Италија, Шпанија, Англија... Колку се они понапред, отворени, инвентивни, храбри, често пати и заебанти. Нашиве како на парастос. Два различни света.

Пуштите прес конференција на Клоп, Гвардиола и Мурињо се разбира, а потоа на некој од нашиве кои нема потреба да ги именуваме. Сите се исти и никој не двои ниту 1%. Неинвентивни до максимум. Од тренери до играчи.

Или ако сакате да умрете од досада, отидете на прес конференција пред или после фудбалски, кошаркарски или ракометен натпревар. Повторување на едните исти клишеа со години. Едвај чекаш да завршат без разлика што немаш што да издвоиш за наслов. Бадијата е што и да ги прашаш.

Туц, муц, крајно здодевно и апатично. Се плашат да не згрешат нешто. Како да се на испит. А еден Гвардиола на пример, на прашањето пред некое коло „Каде погрешивте во првото полувреме“? Ја дава следнава изјава: „Тактиката ми беше одвратна и не даде никаков резултат“. 

Такво нешто не би признал наш тренер во наредни 100 години. Ајде да се обидеме да издвоиме што верглаат тука со години, па вие во коментари може да не надополните. 

* Добро трениравме, задоволен сум од ангажманот на момците.

* Имаме целосен респект кон противникот, но нема да се предадеме.

* Тие се фаворити на хартија, но нема да излеземе со бело знаме.

* Она што го барам секогаш од моите фудбалери е да го дадат максимумот.

* Немаме што да загубиме.

* Групата е тешка, но ќе се обидеме да изненадиме.

* Важно е ние да ја играме нашата игра.

* Мојот тим на секој натпревар оди на победа.

* Очекуваме публиката да биде нашиот 12-ти играч.

* Поразот беше убедлив, но ние веќе се спремаме за следниот натпревар.

* Не сакам да ги коментирам одлуките на судиите, но беше очигледно дека...

* Сите шанси се на страната на нашиот противник но топката е тркалезна.

* На крајот дозволивме да нè изненадат, но ние имавме повеќе од играта.

И како за крај:

* Сега најважно е да се одмориме.

ЕДИТИРАНО СО ВАШИ КОМЕНТАРИ:

* Задоволен сум од играта, но не и од резултатот.

* Очекуваме тежок натпревар

* Ќе оставиме срце на терен.

* Бевме рамноправни и париравме добро во поголемиот дел од натпреварот.

* Пред натпреварот: Противникот е квалитетен и добро организиран, но ние сме фаворити и одиме по три бода.

По натпреварот: Не успеавме да ги искористиме приликите, а тие ги искористија нашите грешки и не изенандија.

Противникот Андора

* Го плативме данокот на неискуството

* Среќата не беше на наша страна.

* Заморот и густиот распоред си го направија своето.

* Ќе извлечеме поука од овој пораз.

* Не бевме на потребното ниво, но што е тука е.

* Откако ќе ги изладиме главите ќе направиме детална анализа  (никогаш немало анализа).

Како Пеп Гвардиола го објасни отсуството на Кевин Де Брујне? 

Или па кај можеш да чуеш ваква случка како онаа што ја раскажа Мурињо пред меч во ЛШ?

Шоу кај нас знаеше да направи само бате Ване.

23 февруари 2023 - 11:13