Муслиманите кои ја променија културата во англискиот фудбал

Кога во 1992 година се оформи Премиер лигата, единствен фудбалер кој и припаѓаше на исламската вера беше Наим кој настапуваше за Тотенхем. Во моментов таа бројка изнесува 40, а нивното влијание е доста значително во клубовите каде што настапуваат.

На натпреварот помеѓу Њукасл и Астон Вила одигран во февруари минатата година на „Сент Џејмс Парк" еден момент во 30 минута го симболизираше импактот на муслиманските играчи во Премиер лигата. Демба Ба постигна гол, истрча кај корнер знаменцето каде му се приклучи и неговиот сонародник од Сенегал Папис Сисе, а потоа двајцата клекнаа на колена и се молеа.

Ова е само мал дел од обичаите на муслиманските фудбалери кои благодарение на интернационализацијата на фудбалот се повеќе заигруваат на островот. Доаѓаат од оддалечените села од западна Африка, стануваат ѕвезди во европскиот фудбал, но со себе го носат нивниот културен идентитет кои ги води во животот.

Кога Ба оваа година го напушти Њукасл и потпиша за Челси изјави дека е голем верник и дека очекува разбирање од страна на неговиот нов клуб. Менаџерите обично им излегуваат во пресрет и се трудат да се приспособат на верските потреби на нивните играчи.

Играчите од своите подредени бараат најмногу разбирање за време на најголемиот муслимански празник Рамазан кога се на строги постови. Некои инсистираат да постат секој ден, па дури и кога се игра натпревар,а други го прават тоа само за време на деновите кога се тренира. Но тренерите негодуваат со образложениетоа како би имале сила да одиграат 90 минути на високо ниво кога се случува да не јадат по цел ден.

„Секогаш кога имав тренер кој не беше среќен поради тоа што постев му велев дека доколку одиграм доволно добро тогаш во ред, но ако смета дека сум имал лоша партија нека ме стави на клупа", вели Демба Ба.

„Во Арсенал повеќе би сакале да не постам, но тие ме разбираат дека тоа е посебен момент за мене и се обидуваат да ги приспособат работите за да се чувствувам подобро“, изјавува играчот од средниот ред на „Топџиите", Абу Дијаби. 

Тие имаат посебен третман и во соблекувалните па така на пример се тушираат одвоено од своите соиграчи. Премиер лигата беше приморана да направи и некои промени затоа што кога Јаја Туре беше прогласен за најдобар играч на мечот одбил да го прими шампањското како награда.

Големите верници од исласмската вероисповед не пијат алкохол и поради тоа наместо шише шампањско, Премиер лигата одлучи најдобрите играчи да добиваат мал трофеј. Тие се поштедени и за време на еуфоричните моменти на славје, како на пример минатата година кога муслиманите од редовите на Ливерпул за време на прославата на Лига Купот не беа испрскани со шампањ. 

Но колку и да прават компромис некои крупни работи англиските клубови не можат да ги променат поради само еден играч во тимот, а тоа е договорот за спонзорство. Муслиманските фудбалери не смејат да рекламираат коцкање и други активности кои се контрадикторни со исламските учења.

Минатата сезона Ба, Сисе и уште двајца играчи на Њукасл беа предупредени од Секретарот на британскиот муслимански совет да не го носат логото на новиот спонзор Вонга, компанија за кредити и заеми, затоа што тоа не било дозволено според муслиманските верувања.

Некои од играчите во Премиер лигата сметаат дека не е возможно да ги зачуваат сите обичаи во новата средина каде што настапуваат, како на пример Натан Елингтон кој играше за Виган и Вест Хем, како и голманот на Виган Али Ал Хабси.

„Ние сме играчи, а има работи кои доаѓаат од самиот клуб. Ние не можеше во тој поглед ништо да смениме, туку треба само да си ја извршуваме работата за која сме платени", смета Хабси. 

Во сите овие новитети за клубовите во Англија се вклучени и навивачите кои знаат и да се пошегуваат. Кога пред две сезони стратегот на Њукасл Алан Пардју сметаше дека Демба Ба е многу бавен на стартот од новата сезона поради тоа што пости, фановите откако почна Рамазан му ги броеа головите и го поздравуваат со песната од Депеш Мод „Just Can't Get Enough".

Наредната сезона менаџерите во Премиер лигата нема зошто да се грижат за ваквите случаи, затоа што Рамазан завршува на 7 август, 10 дена пред стартот на новата сезона.

Децата во парковите во Њукасл кои играат фудбал, често пати ги прославуваат головите паѓајќи на колена како на молитва. Тие можеби не го разбираат целосно значењето на тоа, но тоа е знак дека муслиманските практики стануваат значаен дел од британската култура во фудбалот.

5 јули 2013 - 15:29