Милевски: Имам голема почит кон Стефан, му замерувам само што дознав преку социјалните мрежи

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација не зборуваше за тоа зошто капитенот Ристовски смета дека работите во репрезентација одат во погрешна насока. Вели имале конструктивен разговор со различни гледишта.

Милевски одржа прес конференција во пресерт на следните две квалификациски средби против Италија и Малта, а едно од очекуваните прашања беше повлекувањето на Стефан Ристовски од националниот тим.

Капитенот пред 17 дена се обрати преку соопштение во кое посочи дека неговиот однос со селекторот не е во најдобар ред и дека му предочил за сè она што се случува во и околу репрезентацијата.

Милевски одговoри дипломатски, без да навлегува во детали околу тезите на Рики. Вели дека немаа недоразбирања.

„Имам голема почит не само кон Стефан, туку кон секој репрезентативец и таа почит е на највиоко ниво. Колку го почитувам покажува и мојот пат до Загреб за да разговараме. Моја идеја беше да биде лидер и капитен, јас му ја доделив капитенската лента и тоа ја покажува мојата почит кон него. Имавме конструктивен разговор, различни гледишта и размислувања за одредени теми, но сè беше во домен и интерес на подобрување на тимот. За жал, Стефан нема да биде со нас и јас ја почитувам неговата одлука. Тоа што се повлече не ја намалува мојата почит кон него. Единствена замерка е што одлуката ја објави преку социјални мрежи и така дознав, но со него немаме никакви лични недоразбирања“, рече Милевски.

Во однос на очекувањата, селекторот рече:

„Македонија не е светска велесила. Тоа треба да ни стане јасно. Македонија единствено може да се надева на позитивни резултати ако функционираме како тим. Немаме голем фонд на играчи. Таа е реалноста. Она што се случи против Англија можеби е и добро за да се свестиме и да почнеме од почеток. Да ја градиме таа атмосфера од почеток и да целиме кон нешто подобро. Атмосферата секогаш мора да е добра, ќе биде и сега, се надевам на полн стадион. Овие момци секогаш се тука за Македонија, треба тоа да се почитува и да се вреднува“, изјави Милевски.

Инаку македонскиот селектор изјави дека ќе го одработи договорот до крај, а нов капитен на националниот тим најверојатно ќе биде Енис Барди, кој му беше заменик на Ристовски.

Списокот на играчи за септемвриските дуели

Многу македонски репрезентативци во пресрет на Италија се или без клуб или со мала минутажа

30 август 2023 - 11:28