Македонија се врати во најдобрата 100-ка

По срамниот пад минатиот месец на 112 позиција, македонската фудбалска репрезентација според најновата ранг листа на ФИФА направи скок од 13 позиции.

После триумфот над Луксембург и минималниот пораз на гостински терен од Украина избраниците на Бошко Ѓуровски се искачија на 99-то место на ранг листата на ФИФА и се во друштво со Летонија која исто така има 340 бодови.

Од противниците во нашата квалификациска група за ЕП 2016 најмногу напредуваше селекцијата на Словачка која се наоѓа на 24 позиција. Пред неа е Украина на 19-то место, а Шпанија падна две места и сега е 10-та. Под нас е Белорусија како 106-та и Луксембург како 126-та репрезентација во светот.

На самиот врв нема промени. Прв е светскиот шампион Германија, пред Аргентина и Колумбија, а во топ 10 се уште и Белгија, Холандија, Бразил, Франција, Уругвај и Португалија.

Следната ранг листа ќе биде објавена на 27 ноември, а претходно на 15 ноември нашиот национален тим на „Филип Втори“ се среќава со Словачка.

23 октомври 2014 - 19:45