Македонија се разбуди и ја наполни Црна Гора со 4 гола

Новиот селектор на Македонската фудбалска репрезентација имаше деби од соништата. По целата патетика околу резултатите и ранг листата на ФИФА, нашиот национален тим блесна на Филип Втори и ја победи Црна Гора во пријателски меч со 4:1.

Македонската фудбалска репрезентација ја прекина црната серија на лоши резултати и конечно почна да постигнува голови. Иако Црна Гора важеше за фаворит на овој дуел, сепак вечерва на Филип Втори и се случи дебакл.

Игор Ангеловски пред својот дебитантски натпревар најави ново поглавје во репрезентацијата со похрабра и поофанзивна игра, а таа Негова намера се виде уште во првиот состав во кој се реши да ги стави Ибраими, Трајковски, Тричковски и Велковски.

Работата беше завршена во рок од 5 минути, а малубројната публика сигурно не очекуваше водство од 3:0 за толку кус период. Херој на мечот беше Александар Трајковски со хет-трик кој стана еден од ретките фудбалери во друштво на Дејви Главески, Артим Шаќири и Бошко Ѓуровски кои постигнале три гола на еден меч за Македонија.

Резултатот го отвори Ванче Шиков во 35 минута откако Полексиќ го одби ударот на Агим Ибраими кој биеше од 20 метри. 

По три минути Томашевиќ во шеснаесетникот го фаулираше Ибраими, а судијата покажа од белата точка. Трајковски зголеми на 2:0, а веднаш потоа на асистенција на Тричковски погоди и за 3:0, резултат кој беше на полувреме.

Првиот хет-трик за репрезентацијата, напаѓачот на Палермо го постигна во 63 минута, а почесниот гол за Црногорците го постигна напаѓачот на Интер, Стеван Јоветиќ. 

На 17 ноември ни гостува Либан, а мечот се игра со почеток од 13:00 часот.

Головите од средбата ги имате тука.

12 ноември 2015 - 20:28