Кои сè рекорди може да ги сруши Варди од Лестер?

Откако го улови рекордот на Ван Нистелрој со 11 голови на 11 меча по ред во Премиер лигата, напаѓачот на Лестер сега е во потера по остварувањата на Мортенсен, Ширер и Ван Перси.

Најдобриот стрелец во моментов во Премиер лигата за кратко време ги освои симпатиите во цела Англија. Пробојот на Варди од аматерско ниво до репрезентацијата на Англија траеше 5 години. Неговиот импресивен учинок го привлече вниманието и на славниот холивудски сценарист и продуцент Адриан Бучарт кој сака да сними филм за 28-годишниот фудбалер на најголемото изненадување сезонава, Лестер.
„Животот на Џејми е совршена тема за филм, особено фактот што тој верувал. Неговиот развој и достигнувања се неверојатни“, му се дивее Бучарт на младиот центарфор.
Бучарт веќе има искуство со филм на спортска тематика. Пред неколку години напиша сценарио за филмот Goal! The Dream Begins (Гол! Сонот почнува) кој ја обработи приказната за илегалниот емигрант Сантијаго Муњез кој од сиромашно дете станува голема светска фудбалска ѕвезда. Џејми Варди во 2010. година заработувал 100 фунти неделно, а сега Челси и Манчестер Јунајтед се спремни за него да издвојат 20 милиони евра во јануарскиот преоден рок.
 
Пред било какво сценарио, уште еднаш да погледнеме одблизу кој друг рекорд може да го достигне и сруши Џејми Варди. Варди пред неколку дена го собори рекордот на Руд Ван Нистелрој со гол против Манчестер Јунајтед. Најк за таквиот подвиг го награди со најновниот модел златести копачки Hyper Venoms.

- Во историјата на англискиот фудбал само еден човек постигнал 15 голови по ред. Во сезоната 1950/1951 напаѓачот на Блекпул Стен Мортенсен изброил 15 последователни голови. Варди до денес има 11 по ред. Неговиот Лестер во следното коло игра против Свонси.

- Робин Ван Перси од јануари до мај 2011. година успеа да постигне 9 голови на 9 гостувања по ред во Премиер лигата. Во моментов Варди има шест гола по ред надвор од дома. На Лестер му следуваат пеколни средби на гости со Свонси, Евертон, Ливерпул и Тотенхем, така што Варди ќе мора да се помачи за да го стигне Холанѓанецот.

- Како Ван Перси во 2011/2012, така и еден друг напаѓач на Арсенал, Јан Рајт во сезоната 1996/1997 во една сезона им даде голови на 17 од 20 тимови во Премиер лигата. Варди сезонава веќе ги матираше голманите на Сандерленд, Борнмут, Астон Вила, Стоук Сити, Арсенал, Норич, Саутемптон, Кристал Палас, Вест Бром, Вотфорд, Њукасл и Манчестер Јунајтед.

- Џејми сега почна да ужива во головите на највисоко ниво, а би можел да го оствари и рекордот на Теди Шерингам. Угледниот стрелец беше најстар голгетер во Премиер лигата кога погоди на 40 години и 268 денови. Џејми Варди има само 28 години.

- За да ги стигне Алан Ширер, Кристијано Роналдо и Луис Суарез кои во различни сезони постигнаа вкупно 31 гол на Варди ќе му треба продолжување на серијата која во моментов е 11 голови.

- За вечниот Рајан Гигс кој одигра 21 сезона по ред во Премиер, Варди ќе треба да игра до 49 година што е тешко остварливо.

- Ако Варди не подзабави, би можел да влезе во аналите на Лестер, клуб кој никогаш немал играч кој го добил признанието за играч на годината на крајот од сезоната. Во моментов Варди е најблизу до тоа признание, но има уште многу да се игра до крајот.