Кога Бергкамп го набуцкал Венгер да го купи стоперот од Латвија Степановс зошто му бил смешен

Ниту еден играч никогаш и никаде не можел да влијае на строгиот Венгер како што можел Денис Бергкамп. Сведоците од времето тврдат дека Арсен имал доверба само во Холанѓанецот која што овој еднаш ја искористил за да прави мајтап во базата. И биднал мајтап.

25 февруари 2001 година. Меѓу Арсенал и Манчетер Јунајтед имаше разлика од 13 бода но ривалството меѓу Арсен Венгер и Алекс Фергусон беше поголемо. Тимот од Лондон  тие години сакаше да ја прекине хегемонијата на Јунајтед која во 1995-та на кратко ја сопре Блекбурн со Алан Ширер.

Тој ден во февруари 2001-ва Арсенал гостува на пеколниот „Олд Трафорд“ (тогаш уште на овој стадион одеа навивачи, не туристи) со крпена одбрана: Кион, Адамс и Ли Диксон повредени. Арсен Венгер принуден да експериментира и да стави кладба на една советска школа.

Од лево на десно одбраната истрча вака: Ешли Кол, Олег Лужни, Игор Степановс, Жил Гриманди. Просто едвај скрпена одбрана на која секој може да ѝ даде гол.

Почнува преносот и во подтрибинскиот простор нешто зборуваат Патрик Виера и Двајт Јорк, а внимателно ги слуша Тиери Анри. А понатаму како одеше мечот, на навивачите на Арсенал им „капеше крв од очи“

За 90 минути Манчестер Јунајтед му даде 6 гола на Дејвид Симан а повеќе од пола голови беа на невнимание на одбраната (читај на Игор Степановс).

После мечот Двајт Јорк во долгиот тунел на Олд Трафорд го тешел Реј Парлоу.

„Кажи ми, мајсторе, каде го најдовте ова дрво што ме чуваше денес?“
-Батали Двајт, долга историја“, му одговорил Реј Парлоу.

И бил во право.

****

Петнаесет години подоцна во својата автобиографија, Реј Парлоу раскажал многу анегдоти и настани од времето кога беше дел од Арсенал. Меѓу нив и неколку за Игор Степановс.

Во летото 2000-та Арсенал се спремал за нова сезона. Играл пријателски натпревари на кои стручниот штаб гледал потенцијални засилувања. Меѓу играчите на проба бил и еден висок, слаб како шипка. Латвиецот Игор Степановс од Сконто Рига. Стопер.

„За Игор сè беше веднаш јасно. За пониски лиги беше ОК. Ама за нас, навикнати на стандардите на Адамс, Мартин Кион и Стив Болди, тој беше сирово дрво. И тоа најблаго кажано“.

Атмосферата во таа екипа била супер интересна. Имало неколку шегаџии, а шегите најбавно ги сфаќал 35-годишниот стопер Мартин Кион. Секој пат кога доаѓал стопер на проба, Кион мислел дека толку е со него.

Еднаш му кажале дека дечкото што доставува пица во базата ќе биде нов централен дефанзивец и овој поверувал.

„Беше совршена мета за мајтап. И секако, почнавме да го закачаме за високиот и слаб Латвиец“, пишува Парлоу.

Додека бил на проба, штом Степановс ќе ја допрел топката или ќе дадел некоја долга топка, цела клупа во мајтап громогласно аплаудирала и викала. На Кион му се темнело пред очи. Како да сакаше да каже: „Дечки, ама не е толку добар бре“.

На таа пријателска средба Бергкамп седел на клупа за резерви веднаш зад Арсен Венгер.

„И тогаш Игор рогна една топка која заврши кај благајната. Топката одлета некаде преку оградата, а Денис скокна во вис и викна: „Ауу каков играч!“ Директно на увото на Арсен, за овој да разбере“.

Но се посмеале и заборавиле. Ама после една недела, кога Парлоу дошол во базата во Колни го видел високиот Латвиец како седи на претопло време таму.

„Што правиш тука“?, го прашал Парлоу збунето.
- Ме потпишаа на четири години, одговорил Степановс.

„Тоа беше исто ко јас да го донесам брат ми на тренинг на Арсенал и повеќе корист би имале. Неверојатно! Арсен не сфаќаше дека ние се мајтапиме со Мартин (Кион). Но една работа е кога јас правам шеги, а друго е кога комплименти дели Денис. Неговите зборови случајно можеби и ќе се слушнат“, пишува Парлоу во својата книга.

За Игор на Сконто Рига и платиле околу милион фунти.

После тој меч на „Олд Трафорд“ Степановс за Арсенал одигра уште 4 меча а дури и формално стана шампион во следната сезона 2001/2002.

Англиските медиуми, во прв ред Daily Mail многу некоректно пишуваа за Игор Степановс и го прогласуваа за најлошиот шампионски играч во историјата на Премиер лига. На таа табела е и Олег Лужни.

А Talk Sport го стави во тимот составен од најлоши засилувања на Арсен Венгер.

Степановс стана и легенда на репрезентацијата на Летонија со која играше на Европското првенство 2004 каде се бореше со Јан Колер на дуелот со Чешка и добро го чуваше.

Интересно, Арсен Венгер никогаш не признал дали некој му влијаел на одлуката да го купи Латвиецот. Никогаш нема да се дознае, како што нема да се дознае ни за Френсис Џеферс (22 меча за Арсенал, 4 гола), Паскал Сиган, Себастијан Скилачи и Сендерос.

Паскал Сиган бил потпишан уште во 2002 година кога во одбраната бил Мартин Кион. Да не било тоа уште едно масло на Денис Бергкамп?