Катарско крвопролевање за изградба на стадионите

Според Работничката интернационала, 1.300 луѓе досега загинале на градилиштата во Катар, каде на големо се градат стадиони за Мундијалот планиран за 2022 година. ФИФА нема абер да реагира.

Сонот на Сеп Блатер за Светско првенство во Катар наскоро би можел да заврши, затоа што последните проценки на меѓународните здруженија за заштита на човековите права говорат за 1.300 загинати работници и околу 4.000 повредени на градилиштата.

Работничката интернационала отиде подалеку и изнесе црни проценки според кои 62 работници гинат за еден натпревар на Мундијалот во просек.

Работниците или поточно робовите, пишува италијанската Ла Стампа, работат повеќе од 8 часа на ден на температури кои одат и преку 40 степени Целзиусови. Живеат во бараки и спијат на земја, а некои од нив одмораат и под сенка на градилиштата. Никакво светло, никаква вода, никакви хигиенски услови не им следуваат.

БиБиСи се обиде минатата недела да направи репортажа за Светското првенство во робовладетелство, но нивните новинари беа уапсени и притворени, а снимениот материјал им беше одземен.

Алармот кој го запали Гардиан веќе не е новост и никој од светската фудбалска врхушка не може да сокрие ништо. Супер-агентот Мајкл Гарсија, кој веќе истражуваше за корупцијата во ФИФА, сега ќе истражува и за неусловите во кои живеат и работат работниците во Катар.

Англија и Австралија веќе се спремни да ја преземат организацијата на СП 2022, но од Доха се заканија дека не сакаат да слушнат за такво нешто.

Милионите евра си го прават своето, а стравот дека робовите од Азија и натаму ќе бидат заборавени постои. Жалбите ќе продолжат, луѓето на скеле ќе гинат во пустината и на крајот топката пак ќе се шутира. Кога ќе почне фудбалот, сите ќе заборават на тоа што било, завршува авторот.

Светското првенство во фудбал во Катар треба да се одржи во 2022 година.

22 мај 2015 - 15:15