Историјата на божиќниот фудбал

Алфредо Ди Стефано на Божиќ му дал 4 гола на Партизан, Барселона славела 6:2 против Копенхаген, а Франција не можела да ја победи Белгија. Најинтересното лежи во Англија каде за време на еден божиќен ден густ со магла, голманот останал да брани, а сите други си заминале од стадион.

За фудбалските навивачи, божиќниот период порано служел за празнична гозба, да се седи дома, да се слуша говорот на Кралицата, да се кажуваат шеги и да се добиваат бакнежи од постарите роднини. Вака не било секогаш, односно до 1950 година кога фудбалот традиционално се играл на Божиќ.

Тоа бил редок празник, а фудбалот една од ретките возбудувања на располагање. Во ерата пред телевизорите немало можност да се лежи дома и да се следи специјална божиќна програма. Тогаш имало целосна фудбалска програма за Божиќ и уште една за Боксинг деј. Во Викторијанската ера, кога биле воведени многу од празничните традиции во кои денес уживаме, фудбалот бил дел од Божиќ, како што е денеска популарната Џингл белс.

Два дена, три натпревари

Во 1888 година Евертон одиграл два меча на Божиќ и потоа уште еден на Боксинг деј. Сите три се одиграле на Енфилд, поранешниот нивен дом. Изутрината играле Куп натпревар против Блекбурн и победиле 3:2, а попладнето пријателски меч против Улстер кој го добиле со 3:0. Третиот гол го постигнал голманот Карлс Џолиф пред 2.000 гледачи. Мечот на Боксинг деј бил повеќе како забава, бидејќи се играл на силен дожд и завршил без голови.

Првиот првенствен фудбалски натпревар на Божиќ се одиграл следната 1889-та. Шампионот Престон ја пречекал Астон Вила која претходно ги добила првопласираните две екипи на табелата и тоа било голем предизвик за гледање. 9.000 навивачи ја скокнале божиќната вечера. Ник Рос постигнал хет-трик за победа на Престон од 3:2, кој таа сезона ја одбранил титулата.

На божиќниот ден често имало дербија, како на пример тие меѓу Блекбурн и Дарвен. Роверси ги чувале своите најдобри играчи за Боксинг Деј против Волвс и ги пуштиле резервите. Во Дарвен се налутиле и се противеле да настапат, па им нуделе свои 11 играчи. Навивачите на двата клуба го покажале своето незадоволство и се симнале на терен да ги кршат стативите.

Како што се ширела лигата, така за клубовите имало поголеми растојанија за патување. Тогаш не било така лесно за превоз, па навивачите и играчите чекале автобуси и возови за време на големиот празник. Обично истите мечеви кои се играле за Божиќ, потоа ги повторувале на Боксинг Деј како реванш средби за да се осигура дека сите екипи ќе патуваат исто.

Во 1908 година имало идентични резултати. На пример Манчестер Сити за Божиќ го совладал Челси со 2:1, а потоа на Боксинг Деј, Челси го совладал Манчестер Сити со 2:1. Резултатот од 1:0 се повторил на средбата Брадфорд - Бристол Сити.

Живот или смрт

Во 1909 година, Божиќ завршил со трагедија на мечот меѓу Патрик Тистл и Хиберниан, откако шкотскиот дефанзивец Џејмс Меин доживеал смртоносна повреда. Теренот бил замрзнат, а фудбалерите многу ризикувале. Пред крајот на првото полувреме тој бил дел од еден лизгав судир на кој заработил тешки модрици на стомакот. Откако го пренеле во болница откриле дека му е пукнато дебелото црево, а не успеал да се спаси ниту по итната операција.

Најпознат божиќен фудбалски натпревар е оној кога најкрвавиот судир во историјата на човештвото било прекинат со фудбал. За време на Првата светска војна се случило божиќно примирје во кое учествувале околу 100.000 војници на Западниот фронт, пееле песни и си разменувале подароци.

Натпреварот бил сметан за митски, но потоа бил докажан со помош на писмата на војниците. Во едно од нив пишувало:

„Еден германски војник погледна преку ровот и рече: „не пукајте“, а потоа истото го сторија и нашите. Еден од војниците извади топка и така Германците и Англичаните играа фудбал“, напишал наредникот Баркер кој ја преживеал војната на која загинаа 16 милиони војници и цивили.

Прекинот на фудбалската лига и отсуството на играчи за време на Првата светска војна доведе до појава на првите женски екипи меѓу кои најпопуларна била Дик Кер Лејдис кои го одиграле првиот меч за Божиќ во 1917-та. Од потич спрема жртвите немало празнични прослави, а натпреварите биле искористени за да се соберат пари за добротворни цели.

Играњето фудбал на верски празник било контроверзно прашање во време кога фудбалот во недела бил забранет, а некои фудбалери се воздржувале да не играат за време на Божиќ. Учеството всушност било доброволно, а ФА наведувале дека ниту еден клуб не е принуден да игра на Велики петок или Божиќ.

Арсенал имал забрана да игра за Божиќ и за другите верски празници на Хајбери поради тоа што земјиштето на стадионот било изградено и било во сопственост на колеџ за религија. Потоа клубот го откупил и во 1925-та во 11:15 часот го одиграле првиот божиќен натпревар против Нотс Каунти пред 33.500 фанови кој завршил 3:0.

Магливи глави

Празничната листа на натпревари се покажала како профитабилна за клубовите, но некои играчи кои важеле за посветени алкохоличари, не можеле да одолеат да не се опијат за празник. Клубовите на Божиќ ги пуштале да играат и пијани, како на пример напаѓачот на Келптон Ориент, Тед Крафорд кој колабирал на мечот против Борнемут.

За Божиќ во 1937 година, фудбалот бил отежнат поради густа магла, па така многу натпревари биле одложени. Мечот меѓу Челси и Чарлтон сепак се играл, а резултатот по првиот дел бил 1:1. Маглата во вториот дел на Стемфорд Бриџ била толку густа, што голманот гледал се помалку играчи и од својот состав.

Откако по некое време дремел на голот мислејќи дека неговите соиграчи напаѓаат, му пришол полицаец: Што правиш уште тука? Натпреварот беше прекинат 15 минути порано. Стадионот бил празен, а откако голманот се упатил во соблекувална, фудбалерите на Чарлтон веќе биле под тушеви и потоа му се смееле.

Фудбал за Божиќ се играло и за време на Втората светска војна кога во преден план биле головите. На 25 декември 1940-та Норич играл со Брајтон и Хов Албион кои пристигнале со еден сениор, тројца младинци и еден позајмен играч. За да состават тим собрале доброволци и загубиле 18:0.

На 40 мечеви за Божиќ за време на воената лига паднале 210 голови. Саутенд го победил Чарлтон 9:3, Борнемут го победил Бристол Сити 7:1, Менсфилд славел против Стоук 7:2, а Бери и Халифакс одиграле 5:5.

Некои тимови тој ден одиграле по два меча, како на пример Лестер загубил 5:2 од Нортхемптон наутро, а попладне Лестер се одмаздил со 7:2. На гостинските играчи им дозволувале да настапуваа за повеќе екипи. Томи Левтон изутрината играл за Евертон против Ливерпул, а попладне за Шрусбери против Кру. Лен Шеклтон во ист ден играл за Брадфор Парк Авенија против Лидс и за Брадфорд против Хадерсфилд.

По војната популарноста на фудбалот била се поголема, па така за божиќната програма на која имала три меча за четири дена, на тв имало 3,5 милиони гледачи. Навивачите се дружеле, пееле навивачки песни, а директорите, вработените во клубовите и играчите испраќале честитки.

Во поствоениот период имало еден чуден обичај, а тоа е навивачите кога фрлале по играчите со кори од портокал. Портокалите симболизирале луксуз, како и популарен подарок за Божиќ.

Празнична Европа

Англискиот фудбал не бил единствен кој се играл за Божиќ. Првиот меч кој се одиграл на овој ден во друга лига е средбата меѓу Барселона и Копенхаген во рамките на Купот на саемски градови, претходникот на Купот на УЕФА. Каталонците победиле 6:2, а меѓу стрелците бил и големиот Ласло Кубала. Истиот ден Реал Мадрид играл четвртфинале во Европскиот Куп против Партизан кој завршил 4:0. Сите четири гола ги постигнал Алфредо Ди Стефано. Барселона и Реал таа сезона ги освоиле двете најголеми клупски европски натпреварувања, сегашни ЛЕ и ЛШ.

За Божиќ се играле и многу меѓународни натпревари, како што се оние на Копа Америкам, а во Европа, Франција има три порази на три пријателски меча против Белгија во 1952, 1955 и 1963-та. Во 57-ма ремизирала со Бугарија 2:2.

Други репрезентации кои играле за Божиќ се Кина, Јужна Кореја, Израел, Палестина, Гана и Узбекистан. Најсвеж натпревар е оној од 25 декември 2012-та кога Обединетите Арапски Емирати го победија Јемен со 2:0 на пријателска во Доха.

Божиќ во 1957 година бил последен со целосна фудбалска програма. Со појавата на рефлекторите и воведувањето на натпреварите во вечерни термини, мечевите се поместувале од државните празници, а семејствата преферирале да остануваат дома со семејствата.

Во 1958-ма имало само три меча од прва лига кои се играле на 25 декември, а следната година само еден. Последниот меч во Англија одигран на Божиќ е помеѓу Блекпул и Блекбурн во 1965 година пред 21.000 гледачи.

Во Шкотска, каде Божиќ не се славел толку традиционално како во Англија, фудбал на 25 декември се играло само ако падне во сабота. Последниот меч на тој датум бил одигран во 1976-та. Божиќен фудбал сè уште има во Северна Ирска каде традиционално веќе 120 години на 25 декември се игра финалето од Стил и Сонс Купот, освен ако падне во недела.

Време на телевизијата

Гледачите од фотелја може да гледаат празничен фудбал, ден по Божиќ на таканаречениот Боксинг деј. Пред ерата на Премиер лигата, ретко се пренесувало фудбал за Божиќ на ТВ и на радио. Во 1930-та, за време на првите денови на радиото, БиБиСи на Боксинг Деј имале директен пренос од второто полувреме од мечот Арсенал – Манчестер Сити. Мечот завршил 1:1, а слушателите чуле дека резултатот е 3:1. Џорџ Алисон кој бил прв спортски коментатор, подоцна станал тренер на Арсенал.

Првиот божиќен меч кој се пренесувал целосно на радио бил Брентфорд – Шефилд Јунајтед, на 26 декември 1946-та. Брентфорд победил 2:1, а потоа директните преноси биле редовни. Натпреварите на ТВ за Божиќ биле бесплатни, а празнично издание немало во периодот од 1964-та до 1970-та.

Првиот договор за ТВ права бил потпишан во средината од 80-те, а мечот меѓу Норич и Вест Хем кој се одиграл на 27 декември 1988 година го коментирал Мартин Хем, кој и денеска коментира на божиќните празници.

25 декември 2015 - 18:18