И Стефан Ристовски дел од хаосот во Спортинг

Претседателот на клубот од Лисабон на својот Фејсбук објави дека суспендира 19 првотимци поради тоа што не ги прифатиле неговите критики за слабите игри и му вратиле со потпишано соопштение.

Како гром од ведро небо стигна информацијата за хаосот меѓу лисабонските „Лавови“. Ништо во текот на сезоната не најавуваше ваков епилог.

Спортинг е трет во португалската лига и игра во четвртфиналето на Лига Европа но ни тоа не е доволно за сезоната мирно да се приврши.

Целата приказна почнала на Фејсбук. Веднаш по мечот против Атлетико Мадрид од Лига Европа во четвртокот кој Спортинг го изгуби 2-0, претседателот Бруно Де Карваљо напишал гневен пост. Не штедел ни еден од првотимците: ги нападнал стоперите (Себастијан Коатес и Жереми Матје) за катастрофалниот настап (после нивни директни грешки Коке и Гризман дадоа голови).

Ги критикувал и напаѓачите Желсон Мартинеш и Фреди Монтеро (им понудил да ги научи како се реализираат шанси), а ги нападнал и Фабио Коентрао и Бас Дост за жолтите картони кои навнодно намерно ги добиле за да не играат на реваншот.

Играчите биле шокирани од таквиот јавен настап на газдата, се обединиле и побарале објаснување но Бруно де Карваљо не ги примил во тренинг базата.

Капитенот Руи Патрисио, играчот од средниот ред Вилијам Карваљо и бекот Фабио Коентрао тогаш решиле да објават соопштение потпишано од нив и од други 16 првотимци меѓу кои и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски.

„Незадоволни сме од јавниот настап на претседателот за мечот во кој не го постигнавме саканиот резултат. Не чувствуваме поддршка од човекот кој е должен да биде наш лидер, кој покажува со прст во нас и не обвинува за сите проблеми. Должни сме да дејствуваме обединети и да ги решаваме проблемите заедно“, стои во соопштението потпишано од: Руи Патрисио, Бруно Фернандеш, Стефан Ристовски, Родриго Батаља, Кристијано Пичини, Палиња, Себастијан Коатес, Маркос Акуња, Желсон Мартинш, Поденсе, Бруно Сезар, Монтеро, Брајан Руиз, Вендел, Рафа Леао, Рубен Рибеиро, Сејду Думбија и Фабио Коентрао.

Необично од првиот тим соопштението не го потпишале 9 играчи меѓу кои и најкритикуваните Жереми Матје и Бас Дост.

Нивниот одговор уште повеќе го разгневил првиот човек на Спортинг кои според најпрестижниот португалски медиум A Bola, на сите играчи им пратил e-mail дека клубот отворил дисциплинска постапка поради неуважување на претседателот на клубот.

„Сите играчи кои го го пишаа соопштението се суспендирани и ќе се соочат со дисциплинска процедура... Тие разгалени деца мислат дека ќе одат далеку, но овојпат моето трпение истече за оние кои мислат дека се над клубот и било која критика. Ниту еден од казнетите играчи нема да може да дојде во базата.“

Во меѓувреме левиот бек Фабио Коентрао кој е португалски репрезентативец и позајмен од Реал, побарал веднаш да биде вратен во Мадрид а има информации и дека Бруно де Карваљо веќе го избркал од клубот.

Како што пишува португалскиот Record, на неделниот меч на Спортинг против Пасош де Фереира на првиот тим ќе му се приклучат играчи од вториот тим на Спортинг а ќе играат и оние првотимци кои не го потпишале соопштението.

Спортинг е трет со 6 бода зад лидерот Бенфика.