Германците рушат рекорди во гледаност

Германската фудбалска федерација објави дека за финалниот натпревар од германскиот куп помеѓу Баерн Минхен и Борусија Дортмунд само до сега пристигнале барања за 328.000 влезници.

Финалниот натпревар од германскиот куп ќе се одигра на Олимпискиот стадион во Берлин кој има капацитет од 75.000 гледачи.

Според правилата, двата финалсти ќе добијат по 20.000 влезници, но оваа бројка сигурно нема да ги задоволи нивните барања.

Навивачите на двата клуба, како и оние неутралните кои ќе сакаат да присуствуваат на овој спектакл, веднаш упатија барања за влезници, па само до сега во фудбалската федерација на Германија пристигнале 328.000 барања.

Германскиот фудбал оваа сезона ги руши сите рекорди по гледаност. Бундеслигата е на добар пат да го подобри рекордот по број на гледачи кој беше поставен минатата сезона кога во просек на стадионите присуствувале по 42.101 гледач. Во првиот дел од новата сезона Бундеслига натпреварите во просек биле проследени од 44.000 гледачи.

Пораст во гледаноста од дури 27% бележи и германската втора Бундеслига каде во просек на натпреварите има по 17.125 гледачи.