Што прават финалистите на Монако од 2004-та?

Кога ќе се погледнат сите екипи што останаа во Лигата на шампионите, на прв поглед изгледа дека Монако е најслабиот конкурент. Така беше и во 2004. година кога стигнаа до финале, но Мурињо им го украде сонот.

Елитната Лига на шампиони пред 11 години доби најнеочекувано финале. Играа Монако и Порто, а славеа Португалците со убедливи 3-0. Тогаш ретко кој не го потцени Монако на патот до последниот натпревар, но тие од сенка ги рушеа фаворитите како Реал Мадрид и Челси.

Каде се сега и што прават фудбалерите кои го прославија тимот од Кнежевството?

Флавио Рома

Италијанскиот голман помина осум години во Монако, каде бранеше од 2001 до 2009 година, по доаѓањето од Пјаченца. Во 2009 замина во Милан, каде не стана првотимец, по што се врати во Монако во 2012. година. Лани замина во пензија.

Хуго Ибара

Необично, десниот бек на Монако беше позајмен од Порто, против кого играше во фамозното финале на ЛШ. Во 2005 отиде на позајмица во Еспањол, пред да се пресели во Бока Јуниорс. За тимот од Бомбонера одигра 100 натпревари и стана најпопуларен фудбалер на Бока Јуниорс. Се повлече од фудбалот во 2010. година.

Жулиен Родригез

Го напушти Монако во 2005. година и заигра за Ренџерс. Две години подоцна му се придружи на Марсеј, каде настапуваше од 2007 до 2012 година.

Гаел Живе

Стоперот е еден од фудбалерите со најмногу настапи за Монако. Црвено-белиот дрес го носеше од 2000 до 2007 година. Играше уште и за Марсеј и Блекбурн. Во моментов има 33 години и игра за Арле-Авињон во втората француска лига.

Патрис Евра

Еден од најпознатите играчи од овој состав. Она што не му успеа со Монако, му успеа со Манчестер Јунајтед во 2006 година кога ја освои ЛШ во Москва против Челси. Во моментов игра за Јувентус, против кого Монако вечерва ќе бара пласман во полуфиналето.

Лукас Бернарди

Аргентинскиот дефанзивец го напушти Монако во 2008 година и потпиша со Њуелс Олд Бојс. Неодамна се пензионираше, откако изброи 200 настапи за Јужно-Американскиот клуб.

Андреас Зикос

Уште еден борец на Дидие Дешамп таа сезона, Гркот го напушти Монако и отиде во АЕК Атина во 2008 година. Во моментов е директор на младинските категории на атинскиот клуб.

Едуард Сисе

Французинот со сенегалско потекло во Монако играше како позајмен играч од ПСЖ. Пред да дојде во Монако играше како позајмен фудбалер во Вест Хем. По гламурозната сезона, му се придружи на Бешикташ а потоа играше уште и за Марсеј и Оксер. Во 2013 се повлече од активното играње.

Жером Ротен

Ротен беше дел од убиственото трио со Мориентес и Жили. Во моментов има 37 години и уште игра фудбал во прволигашот Каен. По успешната сезона во Монако потпиша во ПСЖ каде помина шест години пред да се пресели во Бастија. Во 2008 година објави контроверзна автобиографија.

Лудовик Жили

По многу параметри најдобриот фудбалер на оваа генерација на Монако. Во финалето против Порто се повреди после 22 минути игра и многумина сметаат дека тоа беше клучен момент во поразот на Французите. Играше во Барселона, Рома и ПСЖ. Во моментов има 38 години и игра во четвртата француска лига за клубот Монтс д'Ор Азерге Фут.

Фернандо Мориентес

Како и голем дел фудбалери на Монако, така и Шпанецот беше позајмен од Реал Мадрид. Иронично, токму Мориентес беше главен виновник што Реал испадна таа година од ЛШ. Подоцна разочара во Ливерпул, а играше уште и во Валенсија и Марсеј. Прв тренер на младинците на Реал Мадрид стана во 2012 година.

РЕЗЕРВИ:

Тони Силва

Сенегалецот собра 83 настапи за африканската селекција, а за 11 години во Монако најчесто беше резерва. Одигра вкупно 100 натпревари пред да потпише со Лил во 2004 година. Во моментов нема клуб, откако го раскина договорот со Трабзонспор.

Себастијан Скилачи

Играше за Лион, Севиља и Арсенал, но никаде не остави трага како во Монако. Во моментов е член на Бастија.

Јарослав Плашил

Легенда на чешкиот фудбал со 91 настап за репрезентацијата на Чешка. Сега е член на Бордо, а претходно две години играше во Осасуна.

Хасал Ел Факири

Во 2005 потпиша со Борусија Менхенгладбах пред да ја заврши кариерата во норвешкиот Бран. Во моментов е тренер на норвешкиот третолигаш Ос ТФ.

Дадо Пршо

Петте гола на Хрватот против Депортиво Ла Коруња редовно се вртат по најавните шпици на Лигата на шампионите. Од Монако замина во Ренџерс каде стана најомилен играч на Иброкс. Три години играше во Шкотска а се пензионираше во 2007.

Шабани Нонда

По авантурата во Монако, напаѓачот играше во Рома, Блекбурн и Галатасарај.

Емануел Адебајор

Тогоанецот имаше 20 години кога Монако стана вицешампион на Европа. Најчесто беше резерва, но подоцна прослави во Арсенал, Манчестер Сити и Реал Мадрид. Во моментов ја грее клупата на Тотенхем.

Тренер - Дидие Дешамп

Високо ценет и почитуван тренер. Дешамп во 2006/2007 година го водеше Јувентус на патот од Серија Б во Серија А, за подоцна да замине од Торино поради недоразбирање со управата. Го водеше Марсеј до четврт-финалето на Лигата на шампионите. Во моментов е селектор на Франција.