Елитната шампионска лига продолжува

По пауза од само шест дена љубителите на фудбалот повторно ќе уживаат во нови четири дуели од најквалитетно клупско европско натпреварување, кои ќе се играат во следните два дена. Погледите се насочени кон Лондон, каде силите ќе ги одмерат Арсенал и Баерн Минхен.

Натпреварот кој на стадионот „Емирати" ќе нагости две големи фудбалски екипи, кои се редовни учесници во Лигата на шампионите носи голема неизвеснот. Баерн Минхен кој во последните три сезони одисејата на два пати ја завршува во финалето како поразен, ниту помислува на елиминација уште во оваа фаза.

Од друга страна Арсенал е под поголем притисок со оглед на елиминацијата во ФА Купот од второлигашот Блекбурн и големите критики кои одат на адреса на Арсен Венгер. Францускиот стратег кој 17 години е предводник на „Топџиите", веќе седум години е без освоен трофеј, а неговото трпение попушти и на прес конференцијата во очи на овој дуел, на која по прашањата на новинарите му попуштија нервите.

Во минатото, овие два тима се сретнале четири пати во Лигата на шампионите, а Арсенал победил само еднаш. Последен пат ждребот одреди да играат токму во осминафиналето во 2004/2005, и со вкупен резултат од 3:2 Баварците минаа во четвртфиналето.

Арсенал статистички има одличен успех против германските клубови на домашен терен со девет победи, едно реми и само два порази. Изминативе две сезони токму осминафиналната фаза е нивната најголема пречка каде беа елиминирани од Милан, а потоа од Барселона. Овој пат на мегдан им доаѓа германскиот гигант кој е непобедлив на изминатите 18 меча на сите натпреварувања и нема примено гол 609 минути.

За разлика од дербито на вечерта, во другиот дуел нема историја помеѓу Малага и Порто. Шпанците се дебитанти во Лигата на шампионите, а во друштво на Милан, Зенит и Андерлехт во групната фаза го обезбедија првото место без ниту еден пораз. Единствениот нивни дуел на европската сцена против португалска екипа е пред 10 години против Боависта.

Порто е екипа со далеку поголемо реноме на меѓународната сцена која до сега 10 пати стигнала до осминафиналето во ЛШ. Во својата витрина имаат и два трофеи од ова натпреварување. Првото во 1987 година, а потоа во 2004 под водство на Жозе Мурињо. Во уделот со шпанските екипи до сега имаат неславно искуство од само 12 победи на 37 средби.

19 февруари 2013 - 12:18