Ѕвездата на Јувентус што слави голови со волшебното стапче на Хари Потер

Вестон Меккени стана еден од најдобрите фудбалери на италијанскиот шампион кој скоро сигурно ќе го откупи неговиот договор од Шалке. Американецот е прав хит во Серија А, а против Болоња на интересен начин го прослави голот.

Италијанските клубови го препознаа потенцијалот на американските таленти чија Мека во Европа стана Бундеслига, па се повеќе се ориентираат на бисери од САД.

Вестон Мекени е роден во 1998-ма во Тексас, а неколку години од детството живее во Германија каде татко му служел војска во американската база Рамштајн. Од 6 до 9 години тренира во клубот Феникс Отербах пред да се врати со семејството назад во САД. Од 2009 до 2016 е член на Далас пред да направи голем трансфер во Шалке.

Во мај 2017 дебитира за првиот тим на клубот од Гелзенкирхен и набрзо станува еден од стандардните фудбалери (дава и гол во Лига на шампиони против Локомотив во Москва).

Во август 2020-та Мекени дојде во Јувентус на 1-годишна позајмица за 4,5 милиони евра. „Старата дама“ има право на откуп со клаузула вредна околу 18 милиони евра. Само неколку месеци му требаа на младиот Вестон да покаже за каков квалитет се работи.

Се прослави со еврогол против Барселона (0:3) на „Камп Ноу“ во Лига на шампиони, а во меѓувреме неколку пати стрелаше и во Серија А. Во неделата против Болоња со глава го запечати триумфот на Јувентус од 2:0, а на интересен начин го прослави голот.

Со рацете гестикулираше замавнување со волшебно стабче.

„Голем љубител сум на Хари Потер, имам и тетоважа на раката од него, така што прославата значеше правење волшебство“, изјавил Мекени после мечот за DAZN. Првиот филм „Хари Потер и каменот на мудроста“ излезе во 2000-та година кога Вестон имал само 2 години, а првата книга во 1997-ма, една година пред тој да се роди.

Мекени беше избран за најдобар фудбалер на САД за 2020-та година, пред Кристијан Пулишиќ од Челси и Сержињо Дест од Барса.

Останува да видиме како ќе го прослави следниот погодок во дресот на Јуве: дали одново со волшебно стапче или нешто со метла.

25 јануари 2021 - 11:03