Џентлменот на Интер кој си замина со 16 трофеи

Солзи, радост, турбуленции, успеси. Во 18 годишната ера на „Џузепе Меаца" Масимо Морати успеа да ги надмине најголемите кризи на клубот, но и да ги дочека најблескавите моменти, како историската 2010 година кога Интер стана првиот италијански тим со тројна круна во една сезона.

Масимо Морати не е првиот човек од неговата фамилија кој седел на претседателската фотеља на Интер. Во периодот од 1955 година до 1968 со клубот од Милано раководел неговиот татко Анџело Морати кој освоил 7 трофеи.

Со помош на легендарните Сандро Мацола и Џачинто Факети Интер во тој прв златен период освоил 3 Скудета и по 2 титули во тогашниот Куп на шампиони и Интерконтинентален Куп.

Во 1995 година на престолот седнува Масимо Морати кој во период од 18 години стигна до бројката од 16 трофеи што го прави најтрофеен претседател во историјата на клубот. До нив не стигна воопшто лесно. Потроши вкупно 1,2 милијарди евра и смени 19 тренери.

Првата половина од неговата работа мина многу тешко и малерозно. За 7 години потроши 500 милиони евра, купи многу познати фудбалски имиња како Роналдо, Виери, Баџо, Џоркаеф, Карлос, но успеа да го освои единствено Купот на Уефа во 1998 година.

Во Интер продефилираа и играчи од калибарот на Грешко, Сорондо, Вампета и Кварезма кои се покажаа како погрешен избор, а можеби еден од нанесреќните денови за Морати и неговит тим беше 5 мај 2002 година кога предводени во нападот од фантастичното трио Рекоба-Виери-Роналдо си заминаа поразени од Лацио на „Олимпико“ во Рим и со тоа сами си пресудија за Скудетото. 

Масимо Морати пред два дена му го продаде клубот на индонезискиот милијардер Ерик Тохир кој откупи 70% од сопственоста, а во мај оваа година се закити со признанието „Џентлмен 2013“

Во февруари 1995 година Ернесто Пелегрини му го продаде Интер на Масимо Морати кој го водеше клубот со огромна страст и љубов и им ги донесе најубавите моменти на навивачите. Морати од својот татко ја наследи групацијата „Сарас" која раководи со рафинерија за нафта.

Првото негово засилување е Хавиер Занети кој стана капитен и симбол на Интер. Тој е најтрофеен играч на Интер со најмногу настапи во низа, вкупно 137 и со најмногу одиграни натпревари во Серија А после Паоло Малдини.

Роналдо беше еден од неговите омилени трансфери кој имаше многу повреди за време на неговиот престој во Интер, а Морати се грижење за него како за свое дете. За пет сезони тој на 99 натпревари постигна 59 гола.

Првиот трофеј го освои во 1998 година а тоа беше Купот на Уефа кога во финалето во Париз Интер беше подобар од Лацио со 3:0 со головите на Заморано, Занети и Роналдо.

Иако очекувањата од Марчело Липи беа големи тој го водеше клубот само една сезона 1999/2000 и не успеа да му донесе пехар на тимот.

Првиот тренер кој се прослави за време на престојот на Морати беше Роберто Манчини со кој конечно почна трофејниот период за Интер. Тој стигна до 3 Скудета, а освои и по 2 Купови и Супер Купови на Италија.

Вториот победнички циклус за Интер продолжи со Жозе Мурињо со 2 шампионски титули, Куп на Италија, Супер Куп на Италија, но конечно и трофеј во Лигата на шампионите по 45 години. „Нероѕурите" под негово водство станаа првиот италијански клуб и вкупно шести во Европа кој стигнал до тројната круна во една сезона.

На Хавиер Занети му посвети дрес откако стигна до бројката од 700 настапи и ги освои трите титули во 2010 година. И покрај тоа што наполни 40 години не се откажува од фудбалот.

Соработката со Рафа Бенитес траеше кратко, но тој сепак му донесе трофеј, а тоа е титула во Светското клупско првенство.

Последниот избор на Морати е Валтер Вацари кој дојде од Наполи и од кој се очекува да донесе му донесе нови успеси на тимот кој не успеа да освои трофеј во последните две сезони.

17 октомври 2013 - 12:29