Девет тренери за дванаесет години

Како што се најавуваше, Флорентино Перез и официјално соопшти дека Карло Анчелоти веќе не е тренер на Реал Мадрид. Рафаел Бенитез веројатно ќе биде десетиот стратег на Кралевите во последните 12 години.

Карло Анчелоти го напушта Реал Мадрид после две години на Сантијаго Бернабеу. Италијанецот ја збогати трофејната сала на Реал со еден пехар од Лигата на шампионите, еден од шпанскиот куп и по еден од ФИФА Светското клупско првенство и европскиот Супер Куп.
 
Иако Силвио Берлускони соопшти дека го очекуваат разговори со Анчелоти, тренерот изјави дека најверојатно би одморал една година од фудбалот. На негово место, шпанските Марка и АС веќе го гледаат Рафа Бенитез, а кандидати со помали шанси од Рафа се Јирген Клоп, Зинедин Зидан, Унаи Емери и Антонио Конте.
 
Инаку Анчелоти е деветтата „жртва“ на скалпот на Флорентино Перез. Во неговата ера како претседател на Реал, Перез ги менуваше Висенте Дел Боске, Карлос Кеирош, Гарсија-Ремон, Валереј Луксембурго, Лопез Каро, Мануел Пелегрини и Жозе Мурињо. Реал го воделе девет тренери во последните 12 години.
 
До крајот од сезоната, Рафаел Бенитез како актуелен тренер на Наполи го очекува уште последното коло во Серија А и дуелот со Лацио кој одлучува за тоа кој ќе оди во плејофот од Лигата на шампионите. Бенитез веќе е на чекор од Сантијаго Бернабеу, пишува Марка, без разлика дали Наполи ќе игра во ЛШ или не.