Буфон: Јувентус со Роналдо го загуби идентитетот на тимот

На 28 јануари Џиџи Буфон полни 44 години. Возраст на која обично фудбалерите се тренери или не работат ништо и ги уживаат парите, а тој кажува каде би сакал да игра уште.

Човекот со над 1.100 настапи во кариерата, кој брани од 1995-та година, уште знае да крене врева и на терен, ама и пред микрофон.

Ако другите немаат муда критички да се изрзазат за придонесот на Кристијано Роналдо во Јувентус, тој има.

„Гледајќи од надвор кога бев во ПСЖ, Јувентус требаше да ја освои Лигата на шампионите во сезоната 2018/2019, но потоа беше елиминиран од Ајакс, а јас не можев тоа да си го објаснам. Со Роналдо бев заедно две години и ми беше добро, но мислам дека со неговото доаѓање Јувентус го загуби идентитетот на тимот, кој отсекогаш го издвојуваше и кој го водеше до освојувањето на Лигата на шампионите во 2017-та“.

За неисполнетиот сон да ја освои ЛШ.

„Таа цел ме поттикна и мислам дека ако ја немав на ум, ќе бев помалку конкурентен“.

Директен со листа, одговори и на прашањето кои се најдобрите голмани.

„На исто ниво би ги ставил Тер Штеген, Облак, Навас, Ноер, Куртоа и Донарума. Но Џиџо има потенцијал да стане најдобар“.

На цела таа легендарна и долгa, односно предолга кариера во која освои 26 клупски трофеи, како и титула Светски првак со Италија, пазете го што одговори на последното интервју за американскиот канал TUDN.

„Во иднина би сакал да го искусам Мексико или можеби САД“.

24 декември 2021 - 09:13