Пушењето е субверзивна дејност

Во Франција, пред, по и за време на Втората светска војна, пушењето, особено француски марки цигари, било чин на патриотизам. Секако, една од причините била тоа што една од првите изјави на Хитлер по стапувањето на власт била дека престанал да пуши, по што следела првата антипушачка кампања на модерното доба.

Културата на пушењето во одредени делови од светот полека изумира - денес Пикасо, кој своевремено изјавил дека за среќа не му е потребно ништо повеќе од плажа, платно, стотина млади жени и кутија цигари, би бил само уште еден од оние кои среде зима како страдалници цупкаат на тротоарот пред кафана, во која не го пуштаат да запали.

Фластери, таблети, книги за самопомош, медитации, е-цигари - сето ова е само доказ колку далеку се оди во искоренување на навика која не дека не е штетна, но не е па толку ужасна за пушачите да бидат третирани како лепрозни отпадници. Работите се отидени толку далеку што во Британија сериозно е разгледуван предлог на сите родени по 2000 година да им се забрани купување цигари. Доживотно. Дали луѓето ќе престанат да умираат оној миг кога на светот нема да постои ниту една тутунска компанија?

Од урбаниот маж се очекува да се однесува одговорно кон сопственото здравје и кон здравјето на оние околу него. Хемфри Богарт во нас одамна ја има изгаснато последната цигара, сега џогира, одбегнува масно не пие аперитив пред ручекот, и поседува пинцета. Секако, не пуши. Ако и го прави тоа, тогаш сигурно 20 пати неуспешно се обидувал да ги остави цигарите или барем да ги намали. Во секој случај се чувствува како да прави нешто валкано, а ако во него и останало ронка лежерност по ова прашање другите постојано се обидуваат да му ја извадат низ нос.

Што се обидува да им каже на другите човекот кој денес пали цигара? Па ако ги погледнеме цените на цигарите на Запад, првото е дека неговиот буџет трпи еден сериозен трошок. Второто е некаков пркос, обид да се покаже дека сме ја задржале она малку слобода која сме ја имале како деца. Цигарата долго време низ историјата била токму симбол на слобода. Оној миг кога Кенеди го забрани увозот на цигари од Куба, анти-американското расположение почна да се демонстрира со пушење кубански цигари. Во Франција, пред, по и за време на Втората светска војна, пушењето, особено француски марки цигари, било чин на патриотизам. Секако, една од причините била тоа што една од првите изјави на Хитлер по стапувањето на власт била дека престанал да пуши, по што следела првата антипушачка кампања на модерното доба.

Денес и во Франција, како и ширум светот, борбата против пушењето доведе до тоа да се отстрануваат бројните фотографии на кои Сартр или Ками пушат, дури и оние кои беа своевремено ставени на француските поштенски марки, исто како што Американците ја избришаа цигарата од раката на Пол Макартни од реизданието на албумот Ејби Роуд.

Данило Киш, и самиот жртва на болест предизвикана од пушење, велеше дека писателот е како машина, а дека машината мора да чади додека работи. Томас Ман велел дека денот без цигара му е врв на блуткавост и дека таквиот ден најрадо би го минал дома, како болен. Зборовите на овие великани би биле (и се) неподобни во современиот контекст на вредности.

Мигот во кој повлекуваме во текот на разговорот е оној кога купуваме време да ги најдеме вистинските зборови и размислиме за прашањето на кое не го знаеме одговорот. Но денешниот пушач не се чувствува медитативно, туку уплашено - како дете кое лиже шлаг од украсената торта додека никој не гледа. Затоа пушењето денес е крајно субверзивна активност. Тоа е гест на неприфаќање на цела една идеологија и контрирање на системот на новото светско униформирање. Од кутиите не' набљудуваат предупредувања за сите опасности кои пушењето ги носи со себе, и слики на разорени внатрешни органи. Пркосењето на таквите совети ги излудува правоверните утилитаристи, но со малку нужна фантазија може да се разберат оние малубројните за кои цигарите се прашање на идентитет и на еден сосема легитимен животен став. Животот без тутунски чад можеби навистина ќе биде реалност на некоја нова генерација. До тогаш, убаво е да се верува дека човекот се уште е господар на својата судбина и креаторот на својата среќа, па макар и несмасно и неодговорно се движел на тој пат.

Душан Стојановиќ

Бонус: Антологиски текст на Борис Дежуловиќ на оваа тема: Гаси цигарата, стоко со жолти заби!

17 септември 2015 - 13:25