Бродот потона на дното

Македонската фудбалска репрезентација доживеа дебакл на последниот квалификациски натпревар од Србија. Со поразот од 5:1, националниот тим го задржа мизерното последното место во групата и го оствари најлошиот пласман во историја на квалификациските циклуси.

Составот на Зоран Стратев влезе без никаков концепт и мотивација на последниот меч од овој квалификациски циклус кој ќе остане запаметен како најлош и најнеефикасен за нашата репрезентација со седум порази, едно реми и само две победи.

Нашите фудбалери беа изгубен случај во текот на сите 90 минути, немаа ниту еден шут во рамките на голот и како да немаа ниту желба да го одиграат последното коло од квалификациите на кое се надевавме барем дека имаме квалитет да го избегнеме последното место.

Бродот почна да тоне уште по 16 минути игра кога по иницијативата на домаќините Стефан Ристовски си постигна автогол. По само три минути игра по центар шутот на Коларов, Душан Баста беше осамен на втората статива и зголеми на 2:0.

Катастрофалната игра на македонската репрезентација со трет гол во нашата мрежа ја круниса Александар Коларов од пенал и тоа беше конечен резултат во првиот дел кој можеше да биде и посрамен доколку Томе Пачовски не одбранеше две чисти прилики за гол на Србите.

Срамното издание и агонијата на нашите фудбалери продолжи во второто полувреме со уште два погодоци за домаќините. Најпрвин преку Радиќ во 54 минута, а потоа и преку Шчеповиќ во 73 минута. Почесниот погодок за нашата репрезентација го постигна Адис Јаховиќ на седум минути до крајот.