Венгер се плаши од аматерски клуб

Арсенал се изгоре од кафе, па дува во јогурт

„Топџиите“ денес патуваат кај Сатон Јунајтед каде ги чека 5. рунда од ФА Купот против аматерски клуб кој елиминираше фаворити и кој игра на вештачка, синтетичка трева.

Алијанц Арената е тешко гостување за секоја екипа во светот, па така беше и за Арсенал кој капитулираше во Минхен и доби пет парчиња. После тој дебакл, медиумите и експертите го распнаа Арсен Венгер, кој сега го чека нов предизвик на вештачка трева на Гандер Грин Лејн стадиончето кое собира 5.013 гледачи.

Сатон има терен со вештачка трева инсталирана во јули 2015-та година. Целата инсталација чинела 500.000 фунти а ја платил тренерот Пол Досвел којшто немал намера да ги бара парите назад. Го направил тоа од љубов кон целиот крај.

Тревникот бил права клупска револуција за аматерскиот Сатон а на него играат и тренираат сите локални екипи. Фудбалската лига, здружение коешто ги покрива Националните дивизии за аматерски екипи пред две години го одобрила правилото 24 според кое аматерските тимови имаат право на вештачка трева и веќе десетина клубови ја наместиле.

Арсен Венгер веќе неколку пати изрази загриженост поради вештачката трева на која неговите ѕвезди би можеле да се повредат.

„Има неколку опасности ако не се спремиме добро за Сатон. Прво и пред се теренот. Второ нивниот ентузијазам. Трето постои опасност дека ние не сме ментално спремни за голема борба. Би сакале да играме на нормален терен, но овој е веќе прифатен па тоа е што е. ФА Купот е таков што мора да се соочиш со се, а ние против Сатон ќе играме на синтетичка трева.

Французинот (67) откри дека тимот не тренирал надвор од регуларните терени во Лондон Колнеј, иако имаат затворени терени со вештачка трева.

„Не е истиот како таму затоа што е сув, а слушнав дека Сатон има влажен терен. Тие ќе го намократ дополнително пред мечот и топката ќе движи многу побрзо“, како да се плаши Венгер од евентуална сензација вечерва.

Во случај да се пласираат во погорните дивизии, овие аматерски екипи ќе мора да се вратат на природна трева (Лига 1, Лига 2). Премиер лигата исто стриктно забранува инсталирање на вештачка трева од неколку причини од кои главна е стравот од повреди на играчите.

На теренот на Сатон редовно играла и репрезентацијата на Англија до 21 година, така што Арсенал не би требало да има некој проблем да истрча на синтетичка трева. Во Националната лига, покрај Сатон вештачка трева има и Мејдстоун Јунајтед па кога ќе се сретнат овие две екипи навивачите тој дуел го викаат „Ел Пластико“.

Тренерот на Сатон не зема плата, а го финансирал теренот

Но како му тргнало на Венгер, не секој е баш сигурен дека Арсенал глатко ќе го мине овој аматерски клуб. Ако поминат, во следната рунда на Емирати го пречекуваат најголемото изненадување, аматерскиот Линколн којшто после 103 години стана прва вон-професионална екипа која стигнала до четвртфинале на ФА Купот.