Ангеловски: Во Милан Ристовски добивме нов бисер

Тренерот на Работнички, Игор Ангеловски очекувано беше расположен за разговор по ремито со играч помалку против Рубин Казан вечерва во Скопје.

Дебар маалци како да се решени сезонава да одат до крај во фудбалска Европа. По одличните настапи против Флора, Јелгава и Трабзон, вечерва во Скопје фантастично му парираа и на скапиот руски состав Рубин од Казан. Од таа причина, тренерот на Работнички Игор Ангеловски изјави дека фудбалерите ги заслужуваат сите честитки за прикажаното.

„Фудбалерите ги заслужија сите аплаузи. Игравме 35 минути со играч помалку и уште еднаш моите играчи го покажаа својот квалитет, карактер и дека не се предаваат никогаш. Имавме проблеми пред мечот со повредени и казнети фудбалери. За реваншот ќе сметаме за Илијоски и Трајчевски чија суспензија истече вечерва, а верувам и дека повредените Митров и Сахити ќе се опорават до натпреварот во Казан", го отвори пресот по мечот Игор Ангеловски.

Во две години и неколку месеци како е тренер на црвено-белите, Ангеловски ретко кога издвојувал некој од играчите. Како што зборуваше во интервјуто за Офф.нет.мк, тимот е како едно семејство. Сепак, по вечерашниот меч не пропушти заслужено да го спомене младиот Милан Ристовски (17).

„Ќе дадеме сe од себе да се пласираме во групната фаза од ЛЕ. Покрај овој нерешен резултат кој за нас е како победа, би сакал да истакнам еден од моите играчи, иако никогаш не издвојувам никого. Тоа е 17 годишниот Милан Ристовски и ние добивме уште еден бисер. Знаете и сами дека Работнички е клуб кој се потпира на сопствената школа и затоа ми е драго што вечерва Ристовски одигра одличен натпревар", додаде Ангеловски.

Што се однесува до спорниот момент, кога унгарскиот судија Вед не досуди очигледен пенал за Работнички, Ангеловски изјави дека не би зборувал за тоа.

„Ги тренирам момците и знам што можам да очекувам од нив. Му се спротиставивме на Рубин онака како што нe гледавте во претходните две години. Јас најавив уште вчера дека ќе играме отворено, со висок пресинг. Што се однесува до судиските одлуки, никогаш не ги коментирам", додаде Ангеловски.

Реваншот Рубин Казан - Работнички се игра на 27-ми август, следниот четврток.

20 август 2015 - 23:11