Абрамович не дозволувал Витезе да игра во ЛШ?

Холандската фудбалска федерација ја истражува сопственичката поврзаност помеѓу Челси и Витезе, која треба да покаже дали лондонскиот тим влијаел врз екипата од Арнхем.

За сомнителните конекции помеѓу двете екипи отворено зборува поранешниот претседател на Витезе, Мераб Јорданиа по што ќе се истражува дали сопственикот на Челси командувал и во холандскиот прволигаш.

„Витезе имаше големи амбиции, но ни беше речено дека не можеме да играме во Лига на шампиони заедно со Челси. Ете зошто тренерот Фред Рутен си замина минатиот јуни, знаеше дека нема да ни дозволат да го освоиме првенството и покрај тоа што во зимскиот период бевме први на табела. Имавме и потреба и од засилување и сакавме да го купиме Кевин Лердам. Трансферот беше скоро завршена работа, но од Лондон го блокираа и не сакаа да се засилуваме. Навивачите треба да ја знаат вистината“, вели Јорданка за Телеграф.

Газда на Витезе сега е Александар Чигирински, пријател и соработник на Роман Абрамович. Во таборот на холандскиот тим во моментов има четворица млади играчи на позајмица од Челси. Според правилата на УЕФА две екипи со ист сопственик не може да бидат дел од едно исто натпреварување.

2 април 2014 - 15:25