18-годишен ултрас ја сопре Борусија Дортмунд

Младиот навивач кој не пропушта ниту еден натпревар и ја бодри Херта од Берлин заедно со ултрасите, доби шанса да го брани голот на својот омилен тим и направи сензација на гостувањето кај Борусија Дортмунд.

Екипата на Херта од Берлин се соочи со огромен проблем пред гостувањето кај Борусија Дортмунд кога првиот голман Томас Крафт се повреди на тренинг, а на листата на повредени играчи веќе се наоѓаше и вториот голман.

Тренерот Јос Лухукај немаше избор и беше приморан да му даде шанса на 18-годишниот Мариус Герсбек. Младиот голман неколку години наназад ја чува мрежата на резервниот тим на Херта, а кога нема натпревар тој секогаш е во првите редови на навивачката трибина Олимпискиот стадион во Берлин.

Сонот на Мариус се исполни. Младиот навивач доби шанса да ги брани боите на тимот кој му е во срцето заедно со играчите кои до пред некој ден ги бодрел од трибините, а тој и тоа како ја искористи својата шанса.

Екипата на Херта направи сензација на гостувањето во Дортмунд и со победата од 1:2 ја откажа Борусија од трката за титулата. Еден од најзаслужните за овој триумф секако беше и голманот Герсбек кој ги сопре налетите на противничките напаѓачи.

Веднаш по натпреварот, младиот херој им се приклучи на своите другари од трибината и заедно со нив ја прослави големата победа.

Минатиот месец малото детенце кое со години беше снимано како страсно навива на трибините на стадионот на Осасуна, на 16 години дебитираше за првиот тим на својот омилен клуб.