Еволуција за четврт век

Главни промени на фудбалските правила

Во последните неколку децении фудбалските главешини донесоа неколку правила кои ни се пред очи а кои не ги забележуваме многу многу.

Додавање до голманот

Од почетокот на 1992 година, голманите не смеат да ја соберат топката со раце после пасот од својот играч, маалски познато како „вратена“. Ако му ја вратите на голманот со било кој друг дел од телото, тој има полно право некое време да ја држи топката со раце. 

Техничка зона за тренерите

Денес е тешко да се поверува, но до 1994 година тренерите можеа да се шетаат за време на натпреварите каде сакаат околу теренот. Од тогаш па наваму им се ограничи техничката зона која што сега е неколку метри вдолж клупата а завршува на еден метар од аут линијата. Но во светот не постои тренер што стриктно ја почитува обележаната зона и ова правило. Примери за тоа има безброј, а последен беше селекторот на Турција на пријателската против Македонија кога судијата неколку пати го опоменуваше затоа што ја прекорачил линијата.

Три бода за победа

Во минатото постоеле разни варијанти за поделба на бодовите за триумф и реми, а правилото за три бода се зацементира во 1994 година кога екипите добија поголем стимул за победа.

Замена

Современите правила за измени се изгласани во 1995 година. На официјален меч секоја од страните има право да изврши три измени а може и да го замени фудбалерот кој влегол од клупата. Порано не можело.

Пуштање предност

Од средината на ’90-те години судиите не беа обврзани моментално да свирнат фаул ако екипата на повредениот играч продолжи со посед на топка и има шанса да ја доврши акцијата. Претходно свиреа фаул па ако сакаш тргни во напад 4 на 1. Немаше пуштање предност.

Во моментот на прекршокот судијата во последните неколку години покажува гест со рака, потврдува дека го приметил прекршокот и дека актерот на грубиот фаул го чека казна при првиот прекин.

ФИФА и УЕФА многу внимание посветија на тоа судиите да знаат да го почуствуваат моментот и не пребрзо да ја успорат играта со свирка. Тоа се смета за една од клучните особини на врвните судии - сенсот за игра.

Фаул од зад грб

Ова правило на директен црвен картон за фудбалерите кои стартуваат од зад грб при што може тешко да го повредат противникот е донесено во 1996 година. До тогаш судиите имале право да се заканнуваат и да мавтаат со црвениот картон но и тешко да го доделат.

Во последните години судиите периодично забораваа на ова правило, но пред крупните турнири секогаш ги опоменуваа.

Борба со симулација

На крајот од ХХ век фудбалот полека почна да поприма финеси на балет. Фудбалските чиновници од таа причина ги задолжија судиите да им делат жолти картони на глумците а при тешка симулација да не се двоумат да извадат и црвена карта.

Гол од гол на гол

Чудно, сигурно не сте ни претпоставувале дека до 1998 година голот со прв удар од гол на гол не се важел, иако таков гол никогаш и не паднал. Пред 19 години се изгласа правилото дека голманот има комоција да шутира „голманска“ и да даде гол.

Правилото на шест секунди

Во 2002 година се појави жестокото правило на шест секунди за голманите. Тоа е максималното време колку што голман смее да ја држи топката во раце. Претходно судиите не реагирале на таква постапка на голманите, но во 2002 добија директива да делат жолти картони за пробивање на времето од шест секунди.

Забрана на обетки, ланчиња, белегзии и друг накит

До 2006 година фудбалерите можеа на терен да дојдат ако сакаат украсени со ланци и прстени и не мораа да ги оставаат своите драгоцености во соблекувалните. На крајот фудбалските главешини ги забранија обетките и белегзиите не поради тоа што светкаат на теренот туку дека самиот материјал би можел да повреди некој од играчите.

Правилото на „златен гол“

Ова правило дејствуваше од 1993 до 2004, цели 11 години и екипите беа приморани по секоја цена во продолжението да играат катеначо, да се бранат како знаат и умеат затоа што примен гол значеше и дефинитивен пораз.

Да не беше ова фатално правило, Италија ќе се можеше да го одигра последниот напад во финалето на Евро 2000, а Португалија во полуфиналето на истиот тој турнир. Наместо тоа гледавме како Италијанците паѓаат на терен и Луис Фиго како го напушта теренот по ударот од пенал на Зидан.

Судии зад гол

Со цел уште да се развива видео-технологијата за повторена снимка на спорните моменти, официјалните лица воведоа уште двајца судии кои се должни да гледаат што се случува пред голот. Нивната должност воглавном е да му помогнат на главниот судија во фиксација на дуел играта во шеснаесетникот и да го извести ако има прекршоци во казнетиот простор.

Исчезнувачки спреј

Спрејот го думаа уште во 2000-та година, но првпат го употребија 11 години подоцна на Копа Америка во 2011-та. Во целосна употреба стигна и на Светското 2014 во Бразил кога ни делуваше чудно, но сега, три години подоцна се навикнавме на него.

Дури и чудно ни е ако судијата не го обележи местото за жив ѕид и местото за изведување.

Видеповторување

На актуелниот Куп на Конфедерации на мечот меѓу Португалија и Чиле имаше спорен момент за кој судијата реши да користи технологија која што наскоро ќе се внесе во фудбалот. Некои велат дека тоа ги убива емоциите во фудбалот и дека судијата е доволен, а некој вели дека системот е потребен за да се избегнат лоши сценарија.

„Еден систем за видеоповторување на ситуациите чини 1,2 милиони долари на стадион а да се користи треба одржување од 100.000 долари“, изјави неодамна Виталиј Мутко претседателот на рускиот фудбалски сојуз.

Во секој случај ФИФА ваквото правил на видеоповторување нема да го воведе до 2019 година за кога е закажана дебата.

28 јуни 2017 - 11:51