Како и претходните години така и оваа, рекламниот фестивал Голден Драм се одржува во октомври, на средината од месецот, во Порторож, Словенија. Одличен е тоа период за сумирање на тековната година, резиме на создаденото во 2019. За жал откако Адриа аирвејс банкротираше и ги откажа сите летови буквално преку ноќ, останавме без авио врска со Дежелата. Останаа наваму-натаму опциите преку Белград, Виена, па дури и преку Истанбул. За среќа ја имаме и “нашата” врска со светот нели, Виз ер со лет до Тревизо, па од таму уште полни два часа со автомобил до Порторож. Малку долго, но тоа е, вреди да се помачиш за Голден Драм. За среќа мирен лет но пренатрупан авион, стјуардесиве постојано нешто продаваат, викаат, патнициве не седнаа 5 минути на место, личи на некоја современа верзија на “Ко то тамо пева”, уште едно ќумбе да забрефтаа отпозади... Бргу стигнавме и после ненормалното долго чекање на пасошка контрола, еве ме во удобно такси на пат кон Порторож.
Пристигнувам приквечер, гратчето е тивко, мирно, блештат безброј хотели, а во најубавиот од нив веќе се е подготвено за уште еден Голден Драм. Сè е на свое место, голем пулт за регистрација, банери насекаде, разни постери со програмата, се чека утрешното отворање на фестивалот. Оваа година за прв пат тој ќе трае само два дена, кратко но слатко, со набиена агенда и многу паралелни случувања. Чудно, но никој нема за дочек и добродојде, сигурно се зафатени со последните финеси и проверки. Разгледувам наоколу, нема луѓе и сè е невообичаено тивко, одлична можност за едно осамено кафе “уз благи поветарац и мирно море у даљини”. И таман да се опуштиш после напорно патување и разбистриш мислите, ете ти ги сите драги луѓе од фестивалот, се појавија “од никаде”, бучни и расположени, накратко се изгушкавме и поздравивме и разменивме збор-два од кои запомнив само дека главната ѕвезда е веќе тука, и дека утре ќе биде со нас и на Амбасадорскиот ручек. “Има повеќе ѕвезди годинава” – демек наивно возвраќам, но многу добро знам на кого се однесува. На еден од најпопуларните и најчитани филозофи, супер ѕвезда, магнет кој има што да каже на секоја тема, па и за адвертајзингот. На Славој Жижек. Ќе нé удостои со предавање и повеќечасовна дружба за амбасадорскиот ручек, на што особено се радувам.
Четврток сабајле, почнува фестивалот. “Да си го подигнам беџот за регистрација додека сè уште нема гужва” – си мислам одејќи кон рецепција, но изгледа сум се прерачунал. Наместо љубезна хостеса, ме дочекува метеж, врева, гужва од многу млади луѓе. Секоја година првиот ден е “резервиран ” за студенти кои организирано пристигаат, оваа година подраниле плус засилени со некој австриски универзитет, кој ја надополнува светската слика на Голден Друм. Со оглед на мешаницата и редиците, среќен сум што преку ред, онака од страна, изгледа на шарм ме препознаваат и ми ја подаваат фестивалската торбица и беџот. Заслуги за 20 годишното редовно присуство на фестивалов, нешто ќар да видам...
“Набиена” е овогодинешната програма. Од некогашните пет, на само два дена. Тоа е цената на брзо живеење во овој дигитален свет. И самите предавања се скратени, со строго дефинирани теми. Нема мрдање и нашироко објаснување, големи мисли, паралели. Сè мора да се каже веднаш и сега, инаку се губиш во морето пораки. Прашањата од публиката на крајот се директни и бараат директен одговор...ако има време. Секој еден во публиката е опремен со таблет со кој истиот момент снима и праќа слика до својата агенција било каде низ светот, каде пак колегите во живо ја следат програмата. Е тоа ти е одлично буџетирање, една котизација десетици учесници. Па после чуди се каде се луѓето ?!...Програмата е расподелена низ повеќе сали, во најголемата се предавањата, додека во помалите сали се работилници и проекции на наградени трудови од разноразни маркетинг фестивали. Има интересни теми, повеќето за улогата на креативноста и нејзината моќ во менување на брендовите. Преоптоварени со продажба и голи бројки, не ја приметуваме важноста на креативноста. Изграден бренд со силна креативна порака во себе, ја одржува продажбата на високо ниво благодарејќи на емоционалната поврзаност со потрошувачот. Постојаното надоградување со креативни идеи е секогаш поисплатливо од ад хок кампањи, продажни акции или некакви промоции. Влогот во идејата и нејзината порака е долгорочна стратегија и исплатливост. Кој разбра – разбра, ова е заедничката порака од сите предавања и мото на фестивалот, “creativity for change”. За жал, криво ми е што многу од нашите, македонски компании мислам дека не ја разбираат поракава но и немаа можност да ја чујат. Затоа што не се присутни на фестивалов. А не дека не знаеле или не можеле, лично сум се залагал и “бркал” работа секоја година, но најчесто сум наидувал на затворена врата. Секогаш било во предност некоја промоциичка или некоја презентација, него некојси таму некаде фестивал во Словенија. Па уште и креативен... А има што да се научи, и тоа многу. Меѓу другото, се разговараше и за лажните огласи на интернет и баналноста на бројот на кликови, споделувања и лајкови кои во одредени случаи се само бројки создадени од генерички машини. Бројки кои понатаму се употребуваат како погрешни податоци за успешност. Без никаква реална основа, се градат кампањи за кои потоа се чудиме што не даваат резултати.
Впечаток остави и Боги, светски познат уличен фотограф од Белград кој ја гради кариерата во Њујорк и соработувал со многу реномирани светски компании, меѓу останатите и Најк. “ Не постојат граници, тие се во тебе. Колку подлабоко копаш во себе, подобри резултати добиваш”. Тоа е поентата на неговиот настап, можеби клише, но длабока вистина. Сруши ги бариерите, за да освоиш нови височини.
И така полека проаѓа денот со многу настани, поставки и презентации на трудови, работилници, и се приближува големиот настан закажан за 17 часот. Доаѓам десетина минути порано, да си фатам место, но, што да видам. Преполна сала, луѓе стојат од страна, дури и седат на земја. мислиш железничка станица. Но, знам дека секогаш во првиот ред има празно место. Секогаш. Најверојатно е тоа од некој страв, траума уште од детството кога сме “бегале” од прва клупа за да нé не види и испраша професорот. Задоволно и победнички се сместувам во првото столче, па еве нека ме и испраша, ќе ми биде чест, бидејќи се работи за предавањето на професорот Славој Жижек. Посебно е чувството да го следиш од толку блиско. Зборува непрекинато, гестикулира, мавта со рацете, се префрла од тема на тема, тешко е да го следиш, но сепак како маѓепсани сите слушаме. Многу теми начна, почна со “луѓето сакаат да бидат манипулирани, не сакаат да бидат навистина слободни” за да заврши со анализа на односот на Леонардо ди Каприо и Кејт Винслет во “Титаник” и неговата очигледно омилена тема, капитализам версус сиромаштија. А траеше долго, наместо предвидените 45 минути зборуваше добри час и кусур, таман да огладнеме и сериозно посветиме на амбасадорскиот ручек, каде што тој е повторно главен и се сé врти околу него. Тоа требаше да се снима, како да немаше долго предавање предмалку, неуморно продолжи разговорот на разни теми. Од ситуацијата во Унгарија, преку италијански вина, до шеги на сметка на Евреите (инаку лево од мене седеше изреалскиот амбасадор), сè додека не мораше да замине, мислам дека рече во Хрватска, наеднаш и пред десертот (не го проба, иако мусот беше фантастичен).
Отаму се упативме кон Пиран, каде вечерта е званичното отворање. Пиран е мало гратче безмалку споено со Порторож и после 15 минутна пријатна прошетка покрај море, или како што викаат локалциве - “ лунго ди маре”, стигнавме до театарот. Тука, во кафе барот на театарот, е журката по повод отворањето. Главен лик е Лејди Бани, артист и верен пајташ со Ру Пол, диџеј и промотор на ЛГБТ заедницата. Одличен забавувач, на влезот се фотографираше со секој гостин поединечно, продолжи со музички настап и направи одлична забава. Непосреден, забавен и отворен, ги припреми луѓето за своето утрешно предавање и панел маса. Темата нормално поврзана со ЛГБТ и нивните права. Интересна дискусија колку, и дали воопшто маркетингот и промоцијата им помага или одмага на ЛГБТ. И дали сите некогаш по потреба “се шлепаме” на нивната борба и ја користиме за сопствена корист? Доколку не верувате, погледнете ја најновата ТВ реклама за Рено Клио - 30 years in the making ...интересна приказна, a?
Топло е, претопло во Порторож. Излегувам на терасата каде е поставен шанкот за неформални дружења, тука се повеќето од гостите. Нема многу луѓе од Македонија, но сепак има 8 македонски труда во официјалниот натреварувачки дел. Гледајќи ја конкуренцијата, не очекувам многу од нив. Им недостасува бре смелост, храброст во изработката и пред сè одлична идеја. “Млаки” сме годинава. Минатите години сме имале и финалисти и победници, оваа година би бил задоволен доколку нé спомнат само. Сепак конкуренцијата е доста силна, има одлични трудови, големи агенции со моќни клиенти и уште поголеми буџети. Влогот е голем и целата енергија е насочена кон освојување на награди. На се сé внимава, од детална анализа на сите членови на жирито сосе нивните афинитети, преку внимателно одбирање на категориите каде ќе се учествува, до лобирање на повисоко ниво и вон рамките на фестивалот. На нашиве им недостасува тој еден, последен чекор. Можеби и најтежок а тоа е малку лобирање кај жирито, пријателско убедување и кафе - дружење, па уште лобирање, сето тоа за едно неприметно, суптилно рекламирање на твојот труд. Или директно кажано, упикување колку што е можно повеќе. За да не се залажуваме дека најдобриот победува. Не, победува оној кој најдобро сработил одоколу.
Програмата веќе привршува, и сите се во исчекување на Гала вечерта и доделата на наградите. Ги насетувам резултатите и победниците. Тоа се секогаш агенциите кои се најбројни, со најмногу трудови и присутни гости. Дека е тоа вистина, ми потврдуваат и луѓето од организацијата во неврзан муабет пред доделата. На коктелот пред почетокот разговараме и за иднината на фестивалот. Се планираат некои измени и во натпреварувачкиот дел, ќе видиме како тоа ќе се изведе. Со мало задоцнување, почнува и самата додела. Има две главни категории со осум подкатегории. И за секоја од нив има прво и второ место. Долго трае и помалку е комплицирано. Но треба поединечно да се награди и идејата, и изработката, и реализацијата, и влијанието, па и луѓето си сакаат награди и тука ги добиваат во голем број. Во интерес на времето, на сцената излегуваат само победниците (златна стауетка), додека освојувачите на сребрена статуетка само се прогласуваат и наградата ја подигаат после настанот. Неколку агенции и труда преовладуваат. Со еден ист труд пријавени се во повеќе категории, во секоја победуваат и на крајот некој од нив ќе ја понесе главната награда, Агенција на годината. Оваа година, исто како и лани, тоа е агенцијата Мекен благодарејќи на една единствена кампања за Икеа, пријавена во повеќе категории. И да, Мекен годинава беа најбројни и со трудови и со луѓе...
После двочасовното доделување, време е за забава во чест на победниците. Забавата е на плажата пред хотелот, сите се собрани за последна дружба, од утре веќе заминуваме секој на своја страна. Нормално победниците се “главни” фаци кои како пауни, и мене подраги и поубави за око пауници, гордо се шетаат стискајки ги статуетките со двете раце. 26от Голден драм полека привршува, и со задоволство го меморираме во личната архива. Со полни батерии, мотивирани и инспирирани со нови идеи, се враќаме во својот микро свет потајно надевајќи се дека догодина токму ние ќе бидеме “главните”. До следната година има доволно време да засукаме ракавите и сработиме нови, моќни креативни кампањи. Кампањи кои ќе бидат похрабри и посмели. Па од кај да знаеш, пауните се сепак прекрасни животни.
Aндреј Павловски
Амбасадор на Golden Drum за Македонија