Во годината кога се одбележуваат сто години од раѓањето на Нет Кинг Кол, еден од најкадифените гласови во историјата на музиката, се присетуваме на неговото трио – малиот, но величествен состав што инспирираше и одбележа цели генерации, не само на слушатели, туку и на музичари чии дела одѕвонуваат и денес.
Тој е првиот црн артист со своја телевизиска емисија на национална мрежа во САД, автор на стотици хитови што ги красеа топ листите, како оние џезерските, така и оние што ја следат поп музиката. Нет Кинг Кол е и музичарот кој со гитаристот Весли Принс и басистот Оскар Мур, на светот му го приредија еден од највозбудливите трио состави. Подоцна триото се менува, но токму оваа формација е забележана како една од клучните кога зборуваме за овој формат.
Роден во Монтгомери, Алабама на 17-ти март 1919-та, како Натаниелс Адамс Колс, "Кралот Нет" од својата 4-та година живее во Чикаго. Музичкото образование неформално му започнува дома, со својата мајка, која свири на црковната оргула. Веќе во тинејџерските години влегува и професионално во музичкиот свет, свирејќи во бендот на неговиот брат, Еди Колс.
Како дел од бродвејската музичка ревија „Shuffle Along“, составена само од црнци артисти и изведувачи, Нет Кинг Кол се запознава со својата прва жена, Нејдин Робинсон, со која на негови 17 години стапува во брак. На турнејата на „Shuffle Along“, парот одлучува да остане во Лос Анџелес, каде тој свири соло пијано, а и во туѓи состави.
Исклучително талентираниот пијанист, го формира своето трио во 1937-та во „Градот на ангелите“. Во период кога популарноста на големите џез и свинг состави опаѓа, ова трио најавува ѕвездена ера за малите џез групи. Легендата вели дека во таа '37-ма, една ноќ во клубот „Свани“ во Л.А., пијан гостин и муштерија кој редовно троши многу пари во локалот, инсистирал неверојатниот инструменталист да запее. Кол неволно прифаќа и ја изведува „Sweet Lorraine“, по што неговата уникатна пијано вештина засекогаш паѓа во сенка на фантастично медениот тенор. Подоцна во еволуцијата на музиката, плејада врвни инструменталисти ќе откријат дека и нивниот глас е нивна моќ, како Чет Бејкер, Сара Вон, Дијана Крал...
На Нет Кинг Кол триото и неговиот водач им следува деценија на безбројни хитови, меѓународни турнеи и низа различни успеси, со кои можел да се натпреварува единствено Френк Синатра, а печатот што тројната сила на овој состав го врежа на музиката е несомнено значаен.
Нет Кинг Кол му пркосел на расизмот, дури и бил нападнат за време на настап во Алабама, но за некои афроамериканци, тој недоволно ја користел својата моќ во борбата за граѓански права. За одредени џез фанатици, неговата емиграција во поп музиката е предавство, а за другите тој никогаш не ги запоставил и заборавил џез начелата.
Нет Кинг Кол умира на 45-годишна возраст во 1965-та, оставајќи зад себе неверојатно наследство, а она што никогаш не може да се да се толкува целосно е чувството што го предизвикува неговиот раскошен, шармантен, префинет и незаменлив глас.
Текстот е инспириран од Септолете тотал – единствениот препарат за грло со тројна сила
(Комерцијален текст)