Oваа трета година фестивалот треба да има издание кое ќе потврди изграден идентитет, како дома, така и во регионот со кого најмногу се соработува. Skopje Design Week прераснува во значаен играч во регионот и активно соработува со сите дизајн платформи на Балканот. Најзначајните дизајни кои се продуцираат кај нас вредат да се претстават и во регионот преку организирани настапи и поставки на настани како што се: Миксер фестивал во Белград, Дан Д во Загреб, Неделата на дизајн во Софија, а од оваа година и на Неделата на дизајн во Тирана. Сите овие фестивали имаат иста идеологија, од една страна функционално обединување на регионот како еден пазар без никакви бариери, а од друга страна претставување пред пошироката светска публика како целина. Оваа идеологија повторно се иницира од страна на регионалните политичари, бидејќи многу од нив сфатија дека заедно сме посилни.
Присуството на регионалните фестивали посветени на креативноста е значајно за македонските компании.
Директната комуникација со купувачите наклонети кон нови дизајн предизвици, интеракцијата со нив и со потенцијалните бизнис партнери во една поинаква атмосфера ослободена од формалноста на саемот, а збогатена со интензитетот на присутната креативна енергија помага за директно пренесување на филозофијата на брендот, а со тоа и полесно позиционирање на соодветниот пазар. Од истите причини, секогаш настојуваме во Скопје да ги донесеме најдобрите дела од регионалните селекции и да ги претставиме заедно со изборот од најновото и најдоброто од македонските дизајнери, опфаќајки ги притоа сите дизајн сфери – продукт, графички и моден дизајн.
Резултатот е во поврзувањето помеѓу дизајнерите и компаниите што веќе вродува со соработки и реализирани проекти на различни нивоа и во различни области - изјави Марта Грнарова - Наумовска, програмски директор на Skopje Design Week.
Швајцарија е овогодинешна земја во фокус, која покрај чоколадото, Алпите и часовниците е една од водечките дизајн сили во светот. Десет топ дизајнери од Швајцарија, ќе откријат како Швајцарија врз основ на дизајнот успева да создаде производи и да стане светски бренд. Придобивките за македонските компании се големи, тие ќе имаат можност да соработуваат со овие дизајнерски имиња на повеќе нивоа од дизајнерска гледна точка. Од една страна најголемиот воочен проблем е јазот меѓу креативното и применливото, меѓу идејата и реализацијата. Производствените и увозно ориентираните компании, од друга страна, разбраа дека потрошувачите се едуцираат и дека и тие треба да бидат во чекор со времето за да опстанат на пазарот и го зголемат својот обем на работа и профит. Токму затоа критериумите за изложување и учество годинава се заострени, како за компаниите, така и за младите таленти. - изјави Александар Велиновски, директор на Skopje Design Week.
Интересот за дизајнот - и тука и во светот е највисоко ниво досега, дизајнот - кога е добар, кога е добро дизајнирана, добро осмислена функционалноста и естетиката на производот, комуницира многу лесно, велат "дизајнот сам продава".