ШУШТЕТЕ МАКЕДОНСКИ

Бреј, татковината ни е слободна! Силно светнал ден! Каква привилегија за еден народ на почетокот на милениумот! 1945-та, вторпат. Акција!

На своето непознато другарче Трендо денеска му напиша:

Го дочекавме и тој ден.

Слободата затропа на нашите Ен-Фа-Пен врати. Окупаторската чизма никогаш веќе нема да цапа по нашите плодни планини и сплотни (поздрав до Фактор Саше) долини.

Борците се враќаат во своите домови, а нивните драги ги пречекуваат со цвет во косата и неплатени сметки во раката.

Скопјани денеска се собраа на улиците да го поздрават доаѓањето на херојскиот одред Доста Димовска – Дуња и на македонско-косовската ударна бригада Љубен Пауновски – Лилјакот.

Братските народи и народности се подготвени да го изградат срушеното, да го обноват застареното.

Македонецот му додава тула на Албанецот, овој плаќа ДДВ за неа и ја проследува до Турчинот, Турчинот вади царинска декларација и весело му ја додава тулата на Влавот, Влавот некако успева да издејствува прелевман и повторно ја враќа до Македонецот.

Обрт.

Економски подем.

Секојдневно никнуваат нови капацитети, училиштата се варосуваат, бојлерите се чистат од варовник.

Кочани ради/Тетово се гради; Ми градимо генератор/генератор гради нас.

Народната власт ги национализира складиштата со оружја, Груевски му кажа историско НЕ на Банерџи.

Светот му се восхитува на овој трудољубив народ затоа што умее да живее како сто години да ќе има мир но се подготвува како утре да ќе му треба пасош.

Насекаде се ори слободарска песна: Брате Љубе/ љубичице бела/тебе воли/Шар Планина цела.

На ОРА Балтепе денеска се постави ударнички рекорд. Филип Петровски, како некогаш Алија Сиротановиќ, се надмина себеси и за само една смена успеа да собере рекордни милион и пол воени сувенири по тетовското Кале.

Сепак, раните од војната уште долго ќе се лечат.

Ете, денеска во град го виделе Љубе Бошковски, тој герој народен, на секои две минути залегнувал на земја. Ќе залегне, ќе полежи, ќе стане, ќе ја затресе правта и ќе продолжи како ништо да не било. Од Собрание до Влада стигнува за ден – два...

Драги мои читатели и за нијанса подраги читателки, Трендо уште не се соземал од војната која успеа да се смести меѓу две негови колумни.

Дремам над мојава маскирна тастатура и не можам да се изначудам каква бура штотуку ги почеша нашите релаксирани меѓунационални газиња. А влакно нè делеше од следнава ТВ реалност:

8:00 Добро утро терористи, каде и да сте – утринска програма.

10:00 Кино утро: Приведете ги осомничените – научнофантастичен филм.

12:00 ТВ ординација: Од кашикара до сим картичка – совети за изострување на националната диоптрија.

12:40 Македонски еротски приказни: Како го одбранивме Колтук.

13:00 Во центар – наградна игра за оние кои ќе одговорат на вековното прашање во која скопска населба е сместен ГТЦ.

13:10 Погрешно време – интервјуа со уапсени граѓани кои не го почитувале полицискиот час.

13:40 Училиште скршени срца – документарна серија за Универзитетот во Мала Речица.

14:00 На детски начин – забавна емисија за модалитетите на европската помош за БЈРМ.

14:10 – Без паника – образовен квиз за регрутите во АРМ (реприза).

15:00 Версус – директен пренос од борбената линија Гајре – Селце – Куала Лумпур. Тема: чија мајка црну вуну преде (реприза).

17:00 Кралица на срцата – профил на Д. Димовска.

17:03 Топ модели – новитети од областа на тешката артилерија.

17:50 Космодиск му е мајката – совети за интелектуалци.

18:00 Сајбер Спејс – репортажа од Танушевци.

18:35 Песоците на Малино – сериски филм (мелодрама).

19:00 Нешто незадолжително – емисија за меѓусебното почитување.

20:1  Супер Бинго – извлекување на добитници на македонски пасоши.

20:2  Еден плус два – филозофска расправа на тема: како може да се дојде до бројот три.

22:00 Вртелешка – шоу програма за политичките ставови на Имер Имери.

24.00 Ноќно кино: Очи ширум затворени – филм за македонските разузнувачи.

02:00 – 08:00 Одјава на програмата: Шуштете македонски.

Ајде, бидете ми добри...

Трендо, 2001.

2 ноември 2016 - 15:26