''Мојата единствена шанса за летување сте вие'' е пораката на Шпаркасе Банка, СОС Детско село и Црвениот крст на град Скопје со која ги повикуваат граѓаните да дадат свој придонес за да им овозможат на 30 деца од СОС Детско село да одат на летување во кампот Солферино во Струга.
Летниот камп ''Медо Штедо'' кој ќе се одржи во периодот од 06 до 12 јули годинава има за цел да им овозможи на дечињата виситински летен одмор, исполнет со многу забава и игра, детска смеа, но пред сè, можност да поминат незаборавни заеднички моменти со дел од вработените во Шпаркасе Банка и Црвениот крст на град Скопје и да се почувствуваат како дел од едно големо семејство.
''Децата без родители се најранливата група во општеството. Грижата за нив, особено за нивното вклучување во заедницата е од голема важност за нивниот развој, но и говори за нашата зрелост како општество. Со оваа акција, која ја иницираме со огромно задоволство заедно со Црвениот крст на град Скопје, сакаме да ги повикаме сите граѓани активно да се вклучат во акцијата и да донираат средства со кои ќе им овозможиме на децата од СОС Детско село 7 дневен летен одмор во нашиот камп „Медо Штедо" и барем за момент да почувствуваат како е да се има безгрижно детство'', изјави Кристина Депо, Директор за маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка.
За целите на проектот, Банката отвори донаторска сметка 250-0000008000-70, како и посебна телефонска линија за донации 143 456 во T-Mobile и Vip оператор. Сите оние кои сакаат да се вклучат во проектот со своја донација се добредојдени и ќе имаат огромна благодарност од децата во СОС Детско село.
Со овој проект, Шпаркасе Банка Македонија ја продолжува својата стратешка определба да бида активен учесник во развојот и унапредувањето на различни сегменти на општеството. Годинава планирани се повеќе општествено одговорни проекти во различни области и во соработка со повеќе институции, невладини организации и партнери, меѓу кои се и оние за развој на најмладите, екологијата, образованието, спортот, културата, филмската уметност и др.