Пред преполн салон, новинарката и фотографка Ивана Тасев, во МКЦ ја промовираше својата прва книга одбрани разговори „Надвор од линијата" во издание на „Галикул". Книга во која се поместени нејзините најуспешни интервјуа, (кои отскокнуваат од рамката на класично интервју) со звучни имиња од културнава сцена, изминативе десетина години во неделникот „Теа Модерна".
Меѓу 300тината луѓе кои дојдоа да присуствуваат на овој настан, беа и многу препознатливи ликови од уметничкиот јавен живот. Авторката истакна дека овој пишан документ е потсетување и славење на уметноста.
„Иако политиката секогаш го зема приматот во оваа земја, сепак, постојат светли одблесоци, кои не потсетуваат на духовното. Таквите креативци се нашите најдостојни репрезенти, кои по добро ја претставуваат оваа земја надвор. Од петни жили се трудев изминативе години да ја испливам на површина добрата и чесна уметност, според мое видување, и само така се чувствувам корисно како новинар" истакна Тасев.