Најдобра финта за нега на кожа е да имаш пари

Батали секојдневно чистење на лицето, бебешки креми или редовно вадење на шминка пред спиење.

Нè убедуваат дека главната мудрост е следното: 1. Прави здрави работи. Миј лице, избегнувај сонце, пиј вода, мачкај се со средство за сончање и спиј доволно. 2. Ставај ги вистинските производи на лицето во вид на креми и серуми.

И ова се повторува илјадници пати во медиумите фокусирани на жени, со дополнување дека ако го најдеш вистинскиот производ и ја живееш совршената нега на кожа за тебе (притоа заборави алкохол и млечни производи, и да не си се осмелила да уживаш во нешто), тогаш ќе бидеш наградена со сјајна кожа.

А сепак, вреди да се спомне дека овие совети доаѓаат токму од богатите, оние кои имаат пристап до сите најдобри производи и третмани во светот. И тие инсистираат дека треба да се држиш до режим, притоа мудро пикајќи ги под тепих сите додатни хемии и луксузи што си ги дозволуваат за да изгледаат онака како што обичниот свет посакува да изгледа. Реално, славните фаци нема да изгледаат така убави без дерматолози, козметичари и паметни продавачки на козметика. Пиј ти вода колку сакаш и бањај се во средство за сончање, ама најефикасниот трик за убава кожа е да имаш пари.

На пример, во 2016-та, Ел имаше статија во која 17 модели на Викторијас Сикрет објаснуваа зошто се толку совршени - некои рекоа вежбање и вода, некои дека користат и некои ситни производчиња од аптека како ленти за пори, ама никој не ја спомна Мзиа Шиман - личноста зад нивниот режим за нега на кожа. Кај нејзе третман чини 200 долари, а понапредните услуги ѝ се затегнување со ЛЕД светилка или микро-струја.

Друг пример е пензионираната манекенка Анџела Линдвал, која за Into The Gloss набројува производи во вредност од 629 долари, од кои повеќето доаѓаат во мали пакувања што брзо се празнат.

Да не ни почнуваме дека само одредена популација може да си дозволи постојан пристап до свежо овошје и зеленчук, уште едно „мора” што го препорачуваат луѓето што ги слушаме. Само одреден број на луѓе има кариера што дозволува да спиеш доволно.

А сепак, мејнстрим медиумите продолжуваат да ги собираат сите финти и совети на младите и богатите, без да се запрашаат за големата слика. Ако луѓето си признаат дека негата на кожа е примарно функција на богатите, тогаш ќе мора да се соочи и со тоа кој има пари, а што се претпоставува и очекува од тој што нема. А тоа многу покомплицирана тема од тоа која крема за околу очи да ја купиш.

4 јануари 2019 - 12:45