Како проститутките го оправија Дивиот запад

Западот во Америка не би бил тоа што е денес да не им текнело на жените дека имаат нешто што на мажите им фали.

На почеток, the wild wild west немал ни гратчиња како што ги гледаме на филмови. Напротив, повеќе личеле на логори, со шатори и идиотски услови за живеење. И мажите биле толку измалтретирани и сами, што биле во состојба да плаќаат само за да фрлат поглед на женски гаќи. Значи не да ги видат на жена. Не, некој таков ист ко нив, само попаметен и сопственик на женски гаќи од некаква причина - да им ги покаже.

Но, во Америка поради финансиска стабилност и независност доаѓаат и жени, не само мажи. И затоа што се жени, гледајќи ги мажите како паѓаат во несвест од рандом гаќа, им текнува дека тоа може да се искористи.

Така почнуваат првите бордели, а така и првите гратчиња, бидејќи што се стигне се гради околу борделите. Да, опасно било, од болести и сељачишта, но жените со тек на време успеваат да натепаат толку многу пари, што стекнуваат доволно моќ да одлучуваат како ќе се развива нивното опкружување општествено и политички. А и бидејќи се жени, често стекнатите средства ги искористуваат за оплеменување на светот околу нив. По име и презиме се знаат проститутките и мадам-ите што инвестирале во школи, болници, па дури и цркви што подоцна ќе прераснат во институции што ќе ги шиканираат. По локација се знаат борделите кои прибирале жртви на домашно насилство и жртви од природни катастрофи. Всушност, толку било важно женското влијание на политичкиот живот, што Вајоминг станува прва територија во која жените имаат право на глас, пола век пред тоа да стане нормално во останатите држави.

Како значењето на зборот курва тогаш прераснува во значењето на зборот курва денес е друга, повеќеслојна и доста непријатна тема, што има врска со ова, но да не забегуваме:

10 септември 2018 - 13:02