Здрави писма на читатели

За да се активира природното регулирање на тежината на организмот - да не се внесува шеќер и да се избегнуваат процесирани продукти кои содржат фруктоза (дури и џусеви).

Апропо веста за корисниот ефект на мастите  (како и поради вообичаениот епилог по хардкор исхраната за празниците : ) би сакал со твој амин да споделам едно мини истражување за различните начини на исхрана кое го направив, а мислам дека ќе биде интересно за сите. Највеќе заради опасноста од прекумерна употреба на животинските масти во исхраната.

Постојано се појавуваат нови режими на исхрана кои се промовираат како здрави, меѓу кои најпопуларна во последно време е Палео диетата. Базирана на претпоставениот начин на исхрана на луѓето во каменото време (а не е) таа претставува рециклирана верзија на Аткинс диетата, односно диетата на Дукан.

За жал зголеменото внесување на протеини за сметка на речиси целосното избегнување на јагленхидрати прави организмот да користи протеини за енергија, што предизвикува лачење на урична киселина, зголемено мокрење (оптовареност на бубрезите) и дехидрација на организмот (на што се должи и првичното губење на килограмите). За ова и другите негативни последици на овие диети постои цела книга Carbophobia која во целост може да се прочита онлајн.

Една варијација на овие диети е диетата која наместо зголемено внесување на протеини, се базира на повеќе масти во исхраната - Low Carb High Fat.

Навистина базирањето на исхраната на масти наместо на јагленхидрати може да има низа добри ефекти на организмот. Проблемот тука е што јадењето масти од животинско потекло е супер штетно за кардиоваскуларниот систем.

Сепак јадење храна со базирана на растителни масти (на местото на јагленхидрати) е супер за организмот и го продолжува животот, ова е консистентно со големите здравствени бенефиции на вегетаријанската исхрана. Уште повеќе, за разлика од екстремните диети кои се далеку од вообичаената исхрана, диетата со многу масти полесно се одржува отколку било која друга:

И покрај сè, ако зборуваме за најопасната храна во универзумот - тоа е шеќерот : ) За крај еве ги најновите истражувања за шеќерот кои покажуваат дека тој  (односно фруктозата во него) е отров за организмот кој ги попречува природните процеси за регулирање на внесот на калории во организмот, предизвикувајќи ја модерната епидемија на дебелина и диабетес:


и вториот дел:

Па советот е, за да се активира природното регулирање на тежината на организмот - да не се внесува шеќер и да се избегнуваат процесирани продукти кои содржат фруктоза (дури и џусеви).

Се надевам дека сето ова за некого ќе биде корисно!

Поздрав и со среќа
Бранко

ПС На сајтот на Грегер има многу јаки видеа за нутриционизам и исхрана кои ги прави користејќи научна литература. Еве уште едно видео кое кажува дека диетата базирана на крвни групи не е базирана на наука:

22 јануари 2015 - 09:57