Вакцинирани писма на читатели

Организацијата на вакцинацијата во салата „Борис Трајковски“ делува пристојно. Нема многу „само да прашам“, термините горе-долу функционираат, даваат вода, а се сетиле да ставаат и тенди над влезовите бидејќи таму сонцето навистина силно пече. Само што...

Има еден детал што го забележав, кого можеби ќе го забележат и други, а „плаче“ за можна злоупотреба.

При влезот треба да се покаже согласноста (при прва вакцинација) или картончето (за ре-вакцинација). Влегуваш, на првиот пулт те наоѓаат во системот, те упатуваат на боцкање без разлика на пунктот (оној кој е слободен во моментот), поседуваш 15 минути на столчињата, и потоа ти го заверуваат картончето на втор пулт. „Заверка“ значи дека се удира докторски штембил, кој потврдува дека тоа и тоа лице (ти) си вакциниран.

Но штембилот го удира службеничката, а не конкретниот доктор. Дури и да е присутен во салата, тој не знае дали јас навистина сум била боцната, или само сум влегла во салата и во гужвата сум седнала на столчето, а потоа така невакцинирана сум го подала ливчето да ми биде заверено. Можеби за поголема уверливост и сум држела памукче на раката. Со оглед на тоа дека документ за вакцинираност е потребен за патување, ова во вакви големи сали како Борис Трајковски не е само теориски можно, туку и практично лесно изводливо. За да се одбегне, штембил мора да се удира на самото место на боцкање од лицето што ја извршило вакцинацијата, а не некаде на страна.

Исто така, ревакцинацијата со одредена вакцина треба да се врши одвоено и по брендови - пункт за Синофарм, пункт за Фајзер, за руската... Не знам колку од нив се во игра во моментот, но сестрата што ме боцкаше три пати проверуваше (дури и со прст помина по картонот) за да биде сигурна дека ме ревакцинира со точната вакцина. Верувам дека многу се внимава, ама живи луѓе се, стотици боцкања дневно, при мал пад на концентрацијата може не дај боже да се згреши.

Се надевам ова ќе му бидат корисни информации на некој надлежен.

Илина

25 мај 2021 - 10:07