Здраво Трендо, чувствувам неопислива потреба да ти кажам една ептен тазе приказна (72-96 часа стара) која отскокнува во позитивен правец во морето на човеконељубие во македонскиот јавен здравствен систем. Ако ова не го доживеав на своја кожа и некој друг ми го раскажуваше, ќе го прогласев за поголем лажов од премиеров од муртинскиот северен џган.
И да, знам дека скоро секогаш објавуваш писма од луѓе кои ти раскажуваат тажни, смешни, дебилни, шарлатански итн приказни за јавни/државни институции. Но ова ќе биде огромна благодарност/пофалба на една капка во солзите, од лично искуство за близок.
Ако ништо друго, луѓето (медицинските сестри, докторите, хирурзите...) кои работат во Ургентна Медицина/Хирургија на Клинички ќе почуствуваат барем малку благодарност за нивниот максимум професионален однос, решавање на административни небулози во буквално една секунда, рационалност, здрав разум, логика, а дури и емпатија која за медицинските лица е несвојствена и непрепорачлива, нели.
Утро околу 9 часот (небитно кој ден, сето ова се случува во 72+ часа), одам со член од фамилија во Гастрологија - Државна Болница, чекаме од 9 часот до 15 за ***** преглед. По 30 минутен преглед, гастрологот во 15:35 дава 3 итни упати за Биохемиска лабараторија, Радиологија и Ургентна Хирургија/Медицина. Инаку, упатот до Гастрологија претходниот ден е издаден од 8ми Септември (Воена Болница) со назнака ИТНО во дијагнозата, значи итноста беше 8 часа чекање за преглед во Државна Болница - Гастрологија (ГЕХ)?!
Битен момент, гастрологот од ГЕХ ги промашува клиниките на упатите, а сите упати убаво ги гледам и читам, и имаат назнака ИТНО. По 15:30 -16:00 часот ниту ЈЗУ биохемиска лабараторија, ниту ЈЗУ радиологија работи со пациенти.
Во биохемиска ми велат, иди извади крв во епрувети и донеси ги, нема проблем ќе ги обработиме... како тоа јас да вадам крв?! Да отворам тендер за набавка на епрувети ко прв чекор нели е логично?!
За огромна среќа не го промашил упатот за Ургентна овој од ГЕХ... а потоа сфатив дека и без упат можело, ама касно Марко стигнал...
Да не го должам, во ургентна хирургија/медицина на државна клиника, за 2 часа ги направија сите снимања, прегледи и лаборатории и дадоа првични насоки, во временски интервал од 16:10 до 18:30, со извршени два физички прегледа во тој временски интервал.
Специјализантот хирург ми ги дава двата итни упата од ГЕХ за Радиологија и Биохемија и ми вели овие слободно искини ги и фрли ги, еве ти нови, оди таму и таму кај нас. Буквално една минута траеше пишувањето на нови итни упати... и за околу 1 час ги имам во рака и двата резултати. Сето ова се случува 10 минути по приемот за физички иницијален преглед на пациентот, а за прием не чекам ниту секунда по првото влегување во Ургентна.
Викаат хирург, кој не го чекаш 6 факинг часа, човекот дојде за 4-5 минути. Гледа снимки и лабараториски резалтати, и по прегледот ме викна и ми објасни како, што и зошто, со дијагноза тотално различна од претходните две дијагнози од 8ми Септември и ГЕХ гастро интернистот. Даде општа дијагноза која отвора врата за многу други бајаги посериозни ситуации, или во превод, ако оваа терапија не покаже добар посакуван резултат за 24 часа, "одма" доаѓајте пак во Ургентна. Thumbs Up докторе.
Претходно ми беа потребни 48 часа само за да добијам факинг итни упати без дефинитивна терапија, следни чекори и дијагноза...
Btw, гастрологот од ГЕХ заборавил да ми каже/да напише дека едниот лек од терапијата се давал само во одредена ситуација.. .а ова сестрата на ургентна ми го кажа при втората посета, ден по првата посета во Ургентна, значи не интернистот специјалист, туку медицинска СЕСТРА, и да потенцирам СЕСТРА од Ургентна.
Те љубам сестро!
Следната посета на Ургентна Медицина/Хирургија се случува 24 часа по првата. Повторно исто, експресен прием без секунда чекање, иницијален преглед одма, нова лабораторија и радиологија 30 минути тотал, викаат хирурзи (хирург и специјализант хирург), даваат инфузија во секунда откако специјализантот им вели дехидратација, 30-40 минути преглед и прашања, сонди и свашта на лице место... упат за компјутерска томографија, резултати готови за 25-30 минути, потворно ги викаат хирурзите кои се појавуваат по 5 минути, и во следни 5 минути ми даваат ТОЧНА ситуација/дијагноза, прием во хирургија, и итно извршен хируршки зафат во текот на ноќта, хируршка операција за која ми кажаа претходно дека има многу голем фактор на ризик.
BTW, операцијата беше и повеќе од успешна. (извршена за околу 15 часа моментот на вториот прием во ургентна медицина/хирургија, и повеќе од успешен хируршки зафат врз пациент кој имаше огромен ризик за неуспех.
Д-р Хаус е срање. Ургентна на клинички РУЛЗ!
Останете такви какви што ве запознав, дечки и девојки!
Бобан Т.