Лани: Писма на наши од Америка
****
Сите сме соучесници
Еве веќе 11 и кусур години сум во ова Америкава... македонското од мене нема абер да излезе, мада не ни пробувам да го извадам. Со голем осмех летнав од Скопје наваму. Се смеев на нашиве патриотишта кога дојдов овде, им се смеев на партијашите кога паднаа првите задгранични избори (сосе задгранични комитети) и главно им се чудев на луѓево дојдени пред 10-20-30 години, како со милина збореа за таа наша земјичка...никој од нив не би се вратил, си викам (освен декларативно), повеќето појма немаа како стварно се живее таму, егзистенцијата и фамилиите им се тука...а паметот таму.
И оп јебига, станав и јас еден од нив.
А читам вести редовно, од све по малце. Претежно заглавијата... Штом видам кој е авторот и кај е објавено, не мора да отворам. Мада кога имам време за тепање ќе отворам, да им го испоштувам трудот на "новинарите". И после 11 години во туѓина, мање више секој ден ги отварам нашиве вести со надеж дека Ќе видам нешто ново, Ќе намирисам нешто тазе процутено.
Прочитав едно писменце од Дарко режисерот, колега гурбетчија, као му кажува на црепот директор на филмски фонд дека дига раце од снимање филмови во Македонија додека овој е главен таму. Вика дека е победен и да уживал овој дур можел. Криво ми е што се чувствува победен, од некој медиокритет што се захевтал за фотеља. Не го знам директоров ни па знам некој негов филм... ама по аутоматизам го презирам неговиот сој. Против луѓето без идеи ама со амбиции, визии и на стероиди напумпана самодоверба на грбот на квалитетите што ги имаат уништено. Ама не е директорот крив... Реалноста е дека сите ние дозволивме ваквиве да догураат да бидат мејнстрим. А највеќе ние емигрираните, што демек дигнавме раце ко режисеров и фативме фитиљ. Дозволивме овие мекотели да бидат идоли на добар дел од популацијата таму, и да им се восхитуваат (веровали или не) добар дел од имиграцијата тука, да ги величаат за мудата што ги имаат.
После 11 И кусур години отидов првпат во стари крај (и тоа два пати во четири месеци) и еве уште не можам да сфатам како дозволивме да дојде до ова. Пробувам да најдам одма кој е крив, од кај почна, како не добија вака лесно 3:0 службено.
Нормално прво на памет ми доаѓа системот (државата е крива), односно смената од едно во друго државно уредување. Фатени во транзиција оние растени во претходниот систем, не биле така снаодливи како багабонтиве па овие се ушепртљале до пол позиција. Ама има и такви што баш добро се снашле, ваљда со работа, труд, истрајност... Не, не...не е државата, си викам. Мора да е до народот. Ете песто години ропство, сите се научени да се поданици, да викаат ќути ќути, може бетер...нека им е на чест на расипнициве...ќе ги стигне казна, кад тад... што можам јас сам бе кога гледаш сите ќутат...и уште едно петнаес вакви добро ишмирглани фрази што бар пеесет пати дневно во тие вкупно месец ипол ги слушав секој ден, од скоро секој човек во драгата ми Македонија. А да, и менталитетот ни бил за нигде, пошто сите други народи се совршени ама само ние балканците сме олош. Боже сачувај.
Ај да не се лажеме. Не може да очекуваш различен резултат ако го правиш истото секој ебан пат. И да кривиш кого стигнеш дека баш денеска не ти иде. Во таа земја кајшто стварно океј се живее со оглед на тоа колку се вложува, ништо од ова денес не е резултат на случајност. Ништо од ова што го изнаслушавме и изнагледавме не е изненадување. Не можете да очекувате подобро од луѓе што единствена опција им е да се упикаат во политика за да имаат егзистенција. Ви гарантирам дека пола од влада и опозиција не би нашле работа ни ко зомби статист во Америкава. Прекинете со глума дека ви се гади од све таму и дека е време да се бега пошто надвор има услови и одма ќе процутите. Ако си лузер таму, лузер си и овде, само што ќе имаш за цигари и кирија, и можда три место две пијачки у диско. И пак ќе те јава некој дибек.
Знам дека сите сме веќе стварно уморни... ама малку треба за многу работи да се средат, да не мора да биде вака. Да не мора да ги слушам оние што зборат дека не ги заболе за таму пошто си ја гледале иднината овде...а киснат на македонски сајтови и не знаат еден амерички. Да не мора да си ги гледаме роднините на Фејсбук. Да не мора да глумиме дека е доволно да се видиме на Скајп пошто у суштина исто ти е. Родители да пуштаат деца као на работа на лето, знаејќи дека картата им е уствари у еден правец. Да се тешиш дека све таму е исто, пошто не можеш без документи да излезеш...роднини да се одродат пошто сакале нејќеле, се заборавиле. Другари да се изгубат. што е решението, сите ќе бегаме од овие стоки?? Размислете добро. Не знаете што значи да славиш роденден, пееш на свадба и плачеш на погреб без твоите околу тебе.
Откога се вратив, све почесто ми доаѓа мислата, боље никогаш да не отидев, да не видев ништо и да си продолжев да читуцкам. Ама после ми текнува на братучедите и тетките и комшиите, на маалото и куЌата. Искрено се чувствувам како соучесник во злосторство, во кое во исто време сум и криминалец и жртва. Сите сме соучесници...ама не е предоцна да се поправиме. Ако по секоја анкета испаѓа дека барем 65% од народот таму не ги трпи ни едните ни другите, луѓе што сè уште слободно размислуваат, значи уште има за кого да дигнете глас, да направите нешто повеќе од коментар на фејсбук и $100 годишно за одржавање на буџетот на РМ.
Ако мислите дека не може, видете што направија децата, студентите, за неколку месеци под страшни притисоци од двете страни. Знам луѓе и таму и ваму, со добар капитал, што би можеле да стокмат една стварно добра офанзива и да ги мафнат овие медиокритети...да ги пуштиме нив на гурбет... знам дека може...не сме до толку мрзливи, ни глупи, ни па се мрзиме меѓусебно повеќе од другите. Само треба малку верба, малку повеќе труд. Има место и потреба за нова енергија, нови луѓе. Луѓе со добри намери... се надевам барем некои од овие овде, што се лупаат у гради и декларативно патат за подобра Македонија ќе се препознаат и ќе повлечат нога. Бидете сигурни дека многумина ќе го следат вашиот пример. Истото важи и за оние останати таму, со чист образ и доволно акал да сфатат дека не може цел живот да се бега. Да доведеме барем тоа мало парче земја да биде рамно игралиште за сите, не само пашалак на бараби што не јаделе доволно шамари во маало. Има уште шанса да покажеме дека вредиме нешто, барем исто колку оние во чии земји испобегавме. Да си ја вратиме, не за друго...зашто ни се може.
Горан
п.с. Ништо не сплотува луѓе повеќе од заедно преживеана несреќа, вели Иво Андриќ. После целоив овој театар, имајте на ум дека пак ќе живеете заедно, во некаков систем, со некакви маки. Ама барем нека бидат ваши лични, не насадени од мала група ебиветри со болни амбиции опседнати со моќ. Барајте од тие следните, небитно кои се, како ќе им се вика екипата...барајте и држете ги во страв од вас, луѓето.