Синдикални писма на читатели

Како вработен во администрација, скалестото и/или линеарното покачување на плати е најгрешниот начин за „наградување“ на вработените. Според мојата пракса, тој што не работи, и дупло да му ја покачиш платата, пак нема да работи.

Здраво Трендо,

Како вработен кој доволен период e „на државна цицка“ па ги согледувам работите кои се случуваат и пред и зад сцената, информацијата дека ССМ одлучиле, на истиот датум кога фирерот го нападна СССР да „напаѓа“ за „правата“ на работниците преку зголемување на платите, ме натера да ти го пишам мојот став, за кој се надевам дека ќе го објавиш. За да нема заблуда, не сум против зголемувањата на платите на работниците, поготово во услови на криза, меѓутоа сум за еден поинаков пристап, за кој на предводниците на ССМ и било кој синдикат, ама ич не му чуе.

Како вработен во администрација, скалестото и/или линеарното покачување на плати е најгрешниот начин за „наградување“ на вработените. Според мојата пракса, тој што не работи, и дупло да му ја покачиш платата, пак нема да работи. Тој си успеал да земе плата и без работа, а вака и уште поголема плата. Според мене, најдобро е во ССМ да седнат и да смислат нов систем на вреднување на платата преку пресметување на тоа колку предмети имаш сработено, толку плата да земеш, со почетна минимална плата. На тој начин, не само што секој ќе биде заинтересиран да „сработи нешто“ за поголема плата, ќе се намали и оптоварувањето кон тие што и онака работат за двајца/тројца и ја носат институцијата на грб, а со самото тоа и граѓаните ќе добијат подобра, побрза и поквалитетна услуга.

Меѓутоа, имајќи го предвид интересот на ССМ да штрајкуваат само кога треба да се покачат платите, без притоа да помислат да штрајкуваат за се она со што се соочуваат вработените на работното место - недоречените закони и правилници, инспекциите кои постапуваат произволно и си толкуваат закони, немањето соодветен кадар во институциите и потребата од миграција на кадрите, немањето просторни услови за работа и соодветна опрема, ме натера да ти го напишам овој текст, од револт кон „грижата на ССМ за работникот“, бидејќи платата е еден од проблемите на работникот, но далеку од единствен.

Исто така, ССМ и синдикатите покажуваат алчно однесување со тоа што има луѓе кои работат во една институција, меѓутоа не членуваат во нивниот репрезентативен синдикат кој им го склучил колективниот договор, туку членуваат во некој сосем трет (тоа е најчесто УПОЗ). Но, тоа не е сè. Има луѓе кои членуваат во два или три различни синдикати. И сета оваа материја не е битна, битно чланарината си врви, а ова никој не го контролира, ниту пак го интересира.

Кога на вработениот ќе му стане сеедно, веќе е доцна да го прашаш што не чини и што треба да се промени. Тука доаѓа до израз неквалитетната услуга која се дава на граѓаните. Ако се потрудиш да се истакнеш пред другите, веднаш ти ги сечат рацете со „ти ли си најпаметниот што ќе ја оправиш државата“ и со понекоја инспекција која ќе даде некоја забелешка. А оди докажи му дека баш ти си тој, кој сака да промени нешто и дека во нешто некој од горе - згрешил. Ама пак, за вработениот, на кого му е гајле. Битно ССМ си ја почна својата операција Барбароса, а за сè друго, како што рекле србите, „отом-потом“.

Искрено сечиј,
Не клатач на врата и земач на плата,
Ф.П.

21 јуни 2022 - 20:41