Сериски писма на читатели

Време е, луѓе. Бујрум предлози, кој што има паметно да каже. Еве ја имам пола програма напишано додека бев по нужда, и со гаранција е боља од на Заев и Трајанов а можда и од на Лиле. Ако сакаат ќе им ја пуштам, не сакам да бидам министер. Ќе се женам годинава.

Драги Трендо,

Знаев кад тад пак ќе ме фати мајата и ќе се дрзнам да пишам. Веројатно претпоставуваш (а како и не би?) дека пак бев во стари крај. Трет пат во година дена, пак за Нова Година. Требаше да идеме во Cabo San Lucas ама ладно било па сменивме план, иако метео прогнозата беше демек малце поладно а галиба позагадено ќе било во драгото ни Скопје. Ипак, дупло повеќе се израдувавме - знаеш дека ќе падне добра софра (пиење), ќе видиш фамилија (барабите и лепо друштво) башка се изродија дечиња па невестата имаше оправдање за бејби шопинг...а и мене ми се бегаше од латиносиве.
Ама некако не ми се идеше дома. Трема, можда. Или, можеби не сакав да дојдам до конфирмација на она што некако го мислев од лани. Дека едноставно не не бива. Ни како домородци ни ко имигранти/избеглици.

Не ме испровоцира прекрасната психоанализа на 'професорката' да се распишам пак. Иако барем 15-20 луѓе ми ја пратија колумната, секој гурбетчија ја испромовира а ОМД дури и дрско одговори, сепак мислам дека има некоја вистина тука чим се спотргнала жената толкав ферман да напише. Мојот фоторобот друже незнани, за такви жени чита вака: ја влечеле по кал пред Милениум у Билимбегово, па после во Шкорпион у Геге, и на крај и се посреќило да ја шамара некој функционер пред Мистик. Научила да куца на тастатура и да направи просто проширена реченица. Успеала во Македонија.
Значи сакам да кажам, не дека не ми чуеше, ама жената нема кредибилитет да прави психоанализа ни па има доволно животно искуство да збори на темата што и ја дале за тој викенд. Т.Е. Не тепај мртва кобила со минивал.

Не ми дојде да пишувам као некоја рецензија на писмото од онаа Србинката, жалопојката до Вучиќ...таквите луѓе немаат жал за нас бе срце. Они се борци а ти си се предала. Сречан ти пут у гурбет пожелим, лепо се проведи и пиши понекад два три реда.

Некако ме 'рчна малце режисерот Дарко пак, со компарацијата на Narcos и моменталното стање во Македонија и Балканот (а пар месеци порано мислев дека одработува за Мис Стон со серијата за како вемеро оригиналното било бугарска тајфа). Секоја случајност е скроз случајна. Некако карактерите се слични, дури и кошуљите им се исти крој. Само пак се заебал дечкото - времето е скроз друго. Народот овој пат нема право да каже дека не бил информиран. Знае точно, свесно потсвесно или натсвесно, со кого си има работа.

Веруваш или не, Драги Трендо, ме изедоа ракометариве. Е заради нив седнав да се изнасерам.
Добро, се заебавам мада не баш скроз - они се баш добар егземплар со кој кога Амер би следел ракомет и би ме прашал зашто ни е тиња државата, би му кажал - глеј МКД ракомет задњиве 15 години и особено задњите 20 минути.

Енивеј, не знам зашто го пишувам ова. Можда дека стварно боли, гледаш како твоите се мачат здив да земат, куќата ти се распаѓа пошто греота е и киријаши да ставиш па уште да ги бркаш пошто ете не дошла ратата за трето дете...што знам, стварно не знам.
А откога го почнав писмово до сега доста работи се случија. За нецел месец изналетаа тужби, денес видов симпатичен марш за нас доброволните избеглици, прошлата недела дури и некои закани паднаа...така да морав да се лекторирам и дополнам. Ама причината изгледа остана иста - морам да кажам што ме јаде, ко да ме гризе совест. А сакам да верувам дека можам нешто да направам, за да не ме јаде ни мене ни тие што ги сакам.

Ме изеде мака од тој лузерски, ноншалантен, алкохоличарски, мрзлив, арогантен ама во исто време безнадежно маченички карактер. Не можев да гледам све исто пак...да ги слушам истите изговори, истите муабети уз ракииче во 1 попладне сред работна недела во скапана биртија. Како може никогаш никој да не е крив и секогаш секој друг да е крив? Како, добога, може да кажеш за некој дека на среќа/несакајќи/буљашки/случајно во задњи минут те добил Х пати по ред...и уште да го вреѓаш, да му даваш надимаци, да го подјебаваш и истовремено пак најдеш барем дваес оправдања зашто ти не си ги добил.
Не зборам за ракометарите, друже. Отвори очи и помири се со реалноста. Паторот не е каубоец, друже, ама јава више декада и кусур сосе цела тајфа замастени и забрадени команчероси што немаат што да изгубат. #Ж е избран на два избори. Значи стварно нема оправдање. Немој да се жалиш дека ете тепале против црепови и дека 'црпнатиот' не го бива и затоа го јадеме пошто ете нема избор. Немој, цревава ми се вртат. Ама да не дигресирам...

Види друже, се сменија работите. Немав 11 години отидено, па еве три пати во година дена видов доволно за да укапирам на каде е тргнато и со која брзина. Не е на поарно и кај мене, верувај ми...ама америве се усрани, ќутат да не им ја земат пак куќата. Башка цел Балкан е во слични говна. Медиокритетите станаа мејнстрим. Сегде и ко што тргнало за век и векови.
Ама таму пак станува опасно. Пробувам да ја свртам на заебанција секоја расправија ама луѓето се гневни, а веќе се намножиле и фанатици. Или се веќе поразени и гледаат да ја дувнат. Само не капираат дека овде работите се скроз наопаку (јас работам ко вол за да платам осигурање за некој наркос од улица да може да иде гага да лапа метадон). Не сфаќаат дека ако си ок со јавање дома, ќе те јаваат и тука. Нејсе.

По моја весела математика, овие луѓе као демек неопределени, се негде 55-60% тоест мнозинство...ама или ги мрзи, или чекаат астероидот да удри, или некој од страна да улета и све да среди. Ова е Егзодус на мнозинството од едно утепано ама очајно малцинство без опции да киднат, пошто реално повише од камионџии, конобари и можда певаљки у Жупа овие медиокритети не би можеле да догураат. Без навреда до персоналот во Жупа и камионџиите, ама моментално елитата (зборам и за двете тајфи и за тие ситните сателити) во нашава лепојка од држава е трула, безидејна маса на случајно собрани патолошки случаеви без срам, совест и елементарно чувство на општествена одговорност. Има исклучоци ама, слика има - тон нема.
Не им е гајле што ќе пишуваме за нив сега или за дваес години. Тоа е, нажалост. Е од такви бегаме.

Ние гурбетчиите сме поизебани, друже мој прославен. Најверојатно и ружи да цутат и по улици ракија да тече нема повеќе од 10% од нас отидените, особено повеќе од 10 години у туѓина а веќе со бизнисче, кариера, кредити...нема да се вратиме. Ама ќе кењаме на ФБ, ќе трошиме цела штедња таму за три недели само да ги видиме најблиските...и сите 3000 регистрирани гласачи во Америка и Канада, годинава изгледа пак ќе гласаме за Саздо да не спаси од клетите странски служби и домашни предавници. А нерегистрираните ќе гласаат во стари крај, масовно за цело село. Саздо овде не може да постигне од задоволување на секоја црковна група и задрганичен комитет...не може да стигне да не регистрира сите бар отприлика колку сме по помаливе села низ Америка. А онака паушално сме негде отприлика Тетово+Делчево+Подмочани-Мариово. Изборна единица и кусур. (Предлог до генерација - напрај ФБ група "Да се преброиме сите што сме у Јуесеј и Канада"...ете ти попис, и така сите до еден дремат на ФБ)

И сите ние сакаме да ја видиме средена некогаш баш фината за живеење и секогаш убава за посетување ни држава. Верувај, сите. И едните и другите, и лавовите и ружите, и гурбетчиите и домородците. И задње време е. Нема време а ко што гледам нема ни народ веќе. Не сум сигурен каде ќе идам следните Нови Години, ама чисто сумњам дека тоа уште долго ќе се вика Македонија, дури и да летам до истиот аеродром. Имаме легален ненасилен егзодус - нешто што 560 години не им успеало на Турците, овие успеаа за 25 години да го направат. Имаме уништен систем на вредности што едвај некако го имавме прифатено. Имавме мир во душа - сега имаме грижа на совест и болка во гради (вие што во овој момент просерувате дека не ве заболе, или немате ни фамилија ни куќа таму, или стварно добро се лажете).

А секој ден пројден во молк и неактивност е уште еден ден поминат како соучесник во злосторството. Доста од оваа патетика...правдање дека не може ништо да се смени, нема со кого, и така ќе се селиме чим дојде визата, итн итд.
Бар да бидеме чисти пред нас, како генерација што пробала и покажала дека може да се исправи. Време е да се решиме од тој медиокритет, простотилук и примитивизам. Пленумците веќе ја добија првата медаља ама од медаљи не се живее, а деца да ги вадат неспособните родители од говна е малце срамота. Секој добронамерен, кој колку може, да им помогне на овие третите, на способните, на оние дрските и сеуште непрестрашените. Време е.

Стварно ли мислат дека ќе не заќутат? Го исекле дечкото што им го плесна у фаца на состанокот со ОМД. Го избришале Античот од Играч на годината пошто го посра Пеце пиченцето. Се закануваат на величини и пробуваат да заќутат гениуси како Михајловски режисерот, па Горан уредникот, Ориѓански, Цацко го ослабеа, Тошо го оженија...стварно што мислевте бе, дека доброволно ќе се спакуваат? Не влегле во притвор, жити мајка? Ќе кажат фала дечки изволте кредитиве ние отидовме во Аруба??

А вие бе шизици, дали стварно мислите дека ќе се скриете негде? Све кеш ќе плаќате и сите топтан на пластична операција? Стварно што мислите вие? Не ми изгледате до толку глупи. Не сте СДС. Можда дупло попаметни сте од таа тајфа. Мада тоа ти доаѓа ко да си најубавиот муфлон на цело брдо.
Боље одлежете ди 5-10 години на државна сметка, вратете нешто од Белизе и трошете после кусурот во Кипар до пензија. Пишувајте мемоари.

Него друже, ептен ја задолжив...ако излезе ова во етер ќе ги фати мрза тука негде, така да да потскратам.

Вака сеа: оваа генерација е доволно информирана, прошетана и интелегентна да сфати дека ако решението е бегање ондак пак ќе не јаваат, и таму и тука. Не го заболе шефот во Немачка дали ни е тешко. Би требало да знае дека ама на ниеден од странциве не го заболе за нас. Само глеј какви емисари-дибеци праќаат и ќе сфатиш колку сме ние небитни. Треба да знае генерацијава дека сама треба да ја земе онаа позиција на моќ што ќе ги држи во пелени кои и да се новите властољупци. Тие новите ќе сфатат полека дека ќе мора да транзитираат во извршители на една доблесна задача, да служат на својот народ. Досега го кркавме, ама пола се прашта ако си признаеш. Нема да бидеме генерацијата што успеа да изгуби во задни десет минути...подобри сме од што мислат, и поинат од што мислиме.

Некои наши предци, како и да се нарекувале, гореле во оган, биле колени и силувани, мачени и изгладнети за денес ние што останавме уште да се нарекуваме Македонци. Пред 70 години голи боси и премрзнати успеале дедовците да се изборат бар за едно ќоше од таа некоја Македонија, да збориме како сакаме и разбереме она што го читаме. Нашиве стари успеаа да усерат една убава држава и пред да почне да потпишат службено 3:0 за транзиционите хаслери, и со тоа 'попаметниот попушта' или не иселат или скршат кичмата уште неисправени. Време е да ги набркаме медиокритетите, и кој како може да придонесе за со мерак да кажеме од кај сме и што луѓе сме.

Секој пројден ден е уште еден ден поминат како соучесник во злосторството, и поклон на оние што сакаат да не уништат.

Време е да си ја вратиме слободата, и мирот во душата, каде и да сме.

Време е, луѓе. Бујрум предлози, кој што има паметно да каже. Еве ја имам пола програма напишано додека бев по нужда, и со гаранција е боља од на Заев и Трајанов а можда и од на Лиле. Ако сакаат ќе им ја пуштам, не сакам да бидам министер. Ќе се женам годинава.

Поздрав, фала и нека ни е Свети Трифун на помош ако пак пишувам догодина.

Горан

П.С. Порака до оние што се надеваат дека ќе не снема, што ни го сместија овој циркус (и до Дарко режисеристот од чија колумна ја украдов првава реченица):

Ние сме Македонци пошто ни се може, ок? Не ради Алекса античкиот, не пошто сме Гоцеви, нит сме више партизани. Сите тие се испоумрени. Ние денес сме сеуште Македонци пошто очигледно сеуште, со цел памет, рефлексно така ни доаѓа. Ако мислат дека ќе не заебат, фатат на сец, раселат низ светов, нека ги земат Палестина, Израел, Ерменија, Курдистан, Баскија и остали живи народи и држави за пример. Not gonna happen, bitches.

 

*************************
Претходно од Горан:

 

15 февруари 2016 - 09:10