Рефератот е објавен во Билтен на УКИМ број 1134 од 15 ноември 2016 г, стр. 256-262. Со него се дава оцена на докторатот под наслов „Третманот на говорниот развој и комуникациските вештини кај децата од предучилишна и рана училишна возраст“. Во рефераторт се дава позитивна оцена на докторатот и тој се допушта на одбрана.
Оваа ќе беше еден од многу реферати за докторати од оваа област. Меѓутоа, рефератот има една карактеристика што го одвојува од другите реферати: рефератот има грешки. Не станува збор за печатни грешки, што секогаш ги има во секој реферат, во секој напис а и во секоја книга. И во овој реферат има , ајде да речеме, печатни грешки. На пример, познатиот психолог Хотелинг, се нарекува Хоталинг. Но да го оставиме ова на страна. Во рефератот има суштински, би рекол, недозволливи грешки.
Вообичаено е рефератот за докторска дисертација, да ги отслика, на кратко, сите делови од рецензијата, на пример теориска основа, да има дел за методологијата (што е истражувано, како е истражувано) нешто за резултатите и конечно нешто за нивното значење.
И во оваа дисертација се дава опис на релевантните делови од дисертацијата, односно од истражувањето, но рефератот обилува со општи а би рекол и нејасни тврдења. На пример, зборувајќи за методите, техниките и инструментите применети во истражувањето, во рефератот се истакнува дека, покрај другото, користени се и „скали за изразување на податоците“ (стр. 259). Какви се тоа скали за изразување на податоци? Тоа е мошне нејасна формулација! Зборувајќи, пак, за обработката на податоците, истакнато е дека таа е извршена со статистичката програма SPSS 20.0 и дека е направена факторска анализа со Хотелинговиот метод.
Со моето скромно познавање на статистиката а и на оваа програма, извршив пребарување во овој статистички пакет и не најдов хотелингов метод за правење на факторска анализа. Стручно требаше да се каже „метод за екстракција на фактори“. На приложената слика наведени се сите методи за екстракција на фактори.
Во рефератот, понатаму, се тврди дека со факторската анлиза ќе се „провери зависноста на хипотезите на ова истражување“. Но дали е проверувана „зависноста“ на хипотезите и што е констатирано, во рефератот не е соопштено. Според моето познавање на методологијата на истражувањата, зависни хипотези не постојат. Постојат разни хипотези, на пример, нулта хипотеза, алтернативна хипотеза, работна хипотеза, но зависна хипотеза не постои.
Во секој случај, кога веќе се вршела факторска анализа, требало да биде кажано врз кои варијабли е вршена факторската анализа, колку фактори се добиени добиени, какво е нивното заситување и тн.
Да не набројувам други недостатоци, Веќе од изнесеното се гледа дека Рефератот има недостатоци. Не станува збор за грешки туку за погрешни тврдења од страна на Комисијата. Дали се тоа тврдења изнесени од страна на авторот на докторатот па преземени од Комисијата или се тоа констатации на членовите на рецензентската комисија е ирелевантно. Ако тоа се тврдења изнесени од авторот на докторатот, тогаш Комисијата тебало или да го врати докторатот на доработка или да го одбие како неквалитетен. Комисијата, значи, изнесува свои тврдења. Такви, погрешни тврдења, се недозволливи во Реферат за оцена на докторат. Нискиот квалитет на дисертациите е последица на, пред се, нискиот квалитет на професорите.
Во целина земено, рефератот е пишуван конфузно, нејасно, површно.
Треба нешто да кажам и за самиот докторат. Докторатот не сум го читал. Мислењето за докторатот сум го стекнал врз основа на рефератот за докторатот потпишан од 5 професори. Скоро секогаш рефератот за одбрана на докторатот, докторатот го прикажува во нешто подобро светло од колку што таа навистина е. Според тоа, ако овој приказ на докторатот е разубавена верзија, самиот докторат најверојатно е полош од рецензијата. Тоа значи дека докторатот е со исклучиво низок квалитет.
Според тоа, може да се заклучи дека на УКИМ, критериумот за стекнување на докторат е паднат на самото дно, заради што неговиот рејтинг на светски план паѓа. Нискиот рејтинг на УКИМ на светски план се гледа и од тоа што пред извесно време беше соопштено дека дека УКИМ - најдобриот универзитет во Македонија - е симнат од Шангајската листa на светски универзитети. Неодамна, пак беше соопштено дека УКИМ, дополнително паднал за уште 50 места.
Нискиот рејтинг на УКИМ е последица на нискиот рејтинг на професорите, кои последнава деценија се примани исклучиво според партиски критериуми.
Милисав Јанев