Практични писма на џафкачи - архитекти

Моментално се чекаат 5 црвени светла за да се помине семафор. Што би се случило кога 600 нови автомобили скоро едновремено ги напуштаат зградите заради одење на работа? А во исто време, во планирана деловна зграда, барем исто толку автомобили би пристигнале со луѓе што одат на работа. А тука е и молот!

повод: Некогаш тоа беше „освестена јавност“, денес се „џафкачи на Фејсбук“

Јебала Вас пракса!

Јас како 61-ви архитект џафкач, по интервјуто на колегата со пракса добив порив да го искажам моето мислење и да поставам неколку прашања. Запознат сум со збиднувањето преку медиуми, па моето мислење се базира на првичната макета и 3D визуализациите за комплексот спроти Holiday Inn, како и на вашата тв презентација.

Кога го видов визуализирањето на ДУП-от направен од некои мои колеги пред некоја година, си реков “Не, такво нешто не постои”. Самиот габарит на целиот комплекс е од нечовечки размер, кој води до низа компликации во неговото остварување. Формата, збиеноста и висината на комплексот би фрлала сенка “од Аеродром до Алумина”.

Удирањето и одбивањето на ветрот од него би предизвикало толку силни струења на воздухот кои ќе се манифестираат на околните улици правејки некомфорт во нивното секојдневно користење. Длабочината на зградите би претставувала проблем за природно осветлување на просторите.

Зошто би поверувале во можноста дека таква бетонска грдосија би била реализирана? Во изминативе 10-20 години сме сведоци на вратоломни урбанистички решенија, па со оглед на досегашното искуство не би било чудно и вакво нешто да проба да се направи.

Од вашата првична, ако може да се нарече презентација на проектот, од која беше прикажана само една визуализација, а по два дена надополнета со официјална презентација во која за прв пат добивме информација односно ситуирањето на комплексот, може да се изнесат неколку согледувања:

Капацитетот на околните улици кои го образуваат квартот останува непроменет. Моментално се чекаат 5 црвени светла за да се помине семафор. По Вашата информација за 400 нови станови, зголемувањето на автомобили би било по коефициент 1,5 на семејство, односно 600 нови. Што би се случило кога сите тие автомовили скоро едновремено ги напуштаат зградите заради одење на работа? А во исто време, во планирана деловна зграда, барем исто толку автомобили би пристигнале со луѓе што одат на работа. А тука е и молот!

Перфекно проектантско/урбанистичко планирање, до веќе функционален трговски центар кој работи со половина празни дуќани, да се изгради нов, со горе долу ист капацитет!

Гледајќи ја катноста на зградите (25, 20, 16, изразено во метри 75, 60, 48) и нивната поставеност во парцелата, можеме да ги окарактеризираме како облакодери и ги разгледуваме како комплекс од облакодери.

Пракса ли е да се постави едниот облакодер на 3 метра растојание од границата на парцела како кај двокатна куќа, додека другиот ја тангира самата граница?!

А што вели Вашата Пракса за квалитетот на животот кога едната на другата зграда ѝ го одзема сонцето од исток, а оваа и возвраќа од југо-запад? Растојанието меѓу нив мерено од око е некаде 15-20 метрa, спротивно од светската практика, одалеченоста меѓу зградите со ваква поставеност да изнесува 1.4H, замајќи ја во предвид висината на зградата поставена на поблагопријатна страна (во овој случај југо-запад).

Не е пракса, а иновација се формите на облакодерите. Наместо да се бара аеродинамичност на самата форма заради големата плоштина на фасадата, се нуди решение со исклучиво рамна правоаголна форма.

Идејата за озеленување на фасадата води до засенчување на становите, кои и тоа како имаат потреба од дневна светлина. Дали дрвата ќе бидат во саксии или ќе се прават жардињериски форми кои бараат минимум 80 цм дебелина за да се предвиди хидро изолација, дренажа, мрежа за запирање на растење на корењата, и земја која е доволна за средна растителност (грмушки)?! Конзолното испуштање на терасите кај бетонски конструкции е максимум 160 cm без додатен товар, па дали е изводливо такво нешто во вашиот проект?

Со почит,
Стефан Тоскиќ

P.S.
Што се однесува до вашето оригинално решение, сте заборавиле да ставите предупредување дека секоја сличност со други проекти е случајна.

* клик овде
 

 

15 април 2021 - 21:33