Поштенски писма на читатели

Пликоата се адресирани на пет различни локации во Скопје: Тафталиџе, Карпош 1 и 3, Центар и Бутел. Неколку дена пред Нова година стигнува абер од Тафталиџе: фала на картичката, и слика на истата под елка. Баш сум среќен, ете годинава луѓево ги добиле на време. Значи, работите можат и тргнуваат кон подобро. Ха, на мојата наивност ѝ нема крај.

Здраво живо Трендо,

Не сум јас некое пискарало, ама овој пат имам една интересна ситуација со мистериозен заплет, која ете би сакал да ја споделам со тебе и со широката и тесната јавност, а која можеби отсликува една поголема слика и е рефлексија на времето во кое живееме.

Жена ми така од мерак си праи некои рачно изработени картички за Божиќ и Нова година. Лани ми вика: „Да напраам и да пратиме и на твоите во Македонија?“ Викам ајде, што да не, па уредно во најстандарди пликоа пакуваме четири картички и јас лично ги носам во пошта во Германија на 10ти декември 2019 година.

Доаѓа и проаѓа Нова 2020., се слушам со луѓево и онака прашувам, абе некаква картичка / честитка да не добивте; не бе, нема ништо, е едногласен одговор од четири различни луѓе. Проаѓа време и ние забораваме на картичкиве, ама во грешка сме биле, Македонска Пошта е можеби спора ама сепак испорачува! На 16ти март 2020 ми доаѓа порака, ја примивме картичката! Истиот ден стигнува уште една, а за ден два уште две, значи сè е во ред, картичките се испорачани после три месеца и една недела од Германија во Македонија.

Годинава слична приказна, жена ми пак прави картички и овој пат носам 5 стандардни пликоа во Дојче Пост на 8ми декември 2020 со надеж (која последна умира) дека лани нешто не било во ред, ама годинава нема да има проблем.

И тука почнува мистериозниот заплет, спомнат погоре. Пликоата се адресирани на пет различни локации во Скопје: Тафталиџе, Карпош 1 и 3, Центар и Бутел. Неколку дена пред нова година стигнува абер од Тафталиџе, фала на картичката, и слика на истата под елка. Баш сум среќен, ете годинава луѓево ги добиле на време. Значи, работите можат и тргнуваат кон подобро.

Ха, на мојата наивност ѝ нема крај. Мислите било која од останатите стигнала?! Да, добро мислите, не стигнала ниту една друга. Еве еден месец и абер нема, али што јас се секирам. ено го кај е март (без датум), а ако стигнат порано тоа ќе е бонус.

Дали оваа (НЕ)функционалност на Македоnска Пошта е всушност сликата не (НЕ)функционалноста на целата држава? Отприлика сумирано, што се набоде, се набоде, а останатото, ете го март (без датум) кај и да е, ќе дојде.

Но да бидеме оптимисти и позитивни, од дното сите стази водат само нагоре. Само, можеби тој ден (без датум) кога ние ке имаме функционална пошта, во останатиот дел од светот, поштата како таква ќе престане да постои?!

од срце,
Лорен

18 јануари 2021 - 13:36