Здраво Трендо,
Имам интересна приказна која мислам дека би било фино да се обелодени на нашата јавност, една од оние балкански превари, ама модерни.
Како секој така и јас решив да продадам нешто од дома што веќе не го користам, се работи за баланс велосипед што ќерка ми го израсна.
Го ставив велосипедот на оглас и утредента добив порака на Вибер. Шведски број, девојка со име нашинско а презиме малку накај словенечко. И така, муабет во каква состојба е велосипедот дали и продаден или не. Се искомунициравме и реши ќе го зема.
Ми понуди она да му плати на каргото, мене да ми легнат парите на сметка и да поминел курир да го земе, јас и предложив да ми даде адреса и да го испратам со откуп. Арно ама девојката брзо ми прати линк од Карго Експрес (што навидум изгледаше легитимно) каде јас би ги внесол информациите од мојата сметка. Сајтот изгледаше одлично со логото од карго експрес, баш како нивниот сајт. Иии, си викам, се модернизирале.
Ги внесов информациите и едно поле доле баш сумњиво, „состојба на вашата сметка“Ова, викам, не е типично, ама добро, дечките имаа Контакт центар. Пишувам зошто ви е потребна таа информација? Контакт центар ми пишуваат, не се грижи тоа е само за потврда со банката, пишете ја состојбата и банката ќе ви испрати верификациски број за потврда. (што требаше јас во следниот чекор да го испишам).
Ок, си викам, пишав некој паушален број во формата за состојба и добив ОТП број од банката за онлајн плаќање од 300евра. Леле, си викам ама наседнав. Нормално, не продолжив, само го испцув контакт центарот во формуларот.
Потоа тргнав и се конфротирав со девојката која кратко се обиде да ми каже дека сè е в ред, сè додека не сфати дека е провалена. Во истиот момент ги снема информациите на Вибер (име, презиме и фотографија) а брзо и линкот што ми го испрати (што отпосле сфатив дека е со едно „с“ помалце од карго експрес).
Секако линкот го зачував, брзо штракнав слики од дисплејот, се јавив во банка да си ја блокирам сметката, па еве и да ти пишам на тебе. Ете го линкот: https://kargoekspres.3techposta.foundation
Поздрав,
Иван Петровски