Здраво Трендо,
Мислам дека сè уште ги немаш овие дописи кои дополнително ја разголуваат "пребирливоста" на Денко.
Јас го послушав и влегов во архивата на "Њујорк тајмс"! Заклучив дека $0.50 и пола саат ќе го чини секој Македонец кој ќе сака да ја разоткрие "прилагодливоста" во тезите на #ДенкоМалески преку пристап во архивата на The New York Times.
Ќе бидам искрен и ќе кажам дека да, има дописи каде се пишува и за бугарско население во Македонија. Но што да правиме со овие приложени дописи каде на истиот начин се дава јасна слика и за македонскиот карактер на востанието и за востаниците? Зарем Денко не стигнал тие да ги прочита? Еве му друга историска граѓа за македонската нација која не можела по никаков начин да биде допрена од "моќната југословенска федерација" затоа што тогаш југославенската федерација не постоела. Овде може да се видат дописи каде се зборува за Македонци македонско востание, македонски бунтовници, македонски војводи, Македонија на Македонците!
Но, на крајот на краиштата тоа се само новинарски дописи, а македонскиот народ сам си оставил свои дела кои се далеку потешки сведоштва за борбата за своја посебност и независност. Но, која е причината заради која Денко Малески замижува пред овие написи и дела? Која е причината заради која Денко не верува на волјата на сопствените предци за своја сопствена слободна татковина? За своја посебност?
Република Македонија и Република Бугарија треба да негуваат добрососедски односи и како два блиски народи да ги решат историските прашања. Отстапки мора да има и од двете страни. Затоа што работите во така еден романтичен и тежок период, не биле црно-бели. Не можам да ја прифатам тезата дека само кај Македонците сè е црно. Историјата да им биде оставена на историчарите што побргу, а вакви несмасни изјави од политичари како Малески и Пендаровски да има што помалку. Очигледно со таквите изјави директно се поткопува позицијата на членовите на македонската историска комисија и тоа е жално кога доаѓа од бивши (а и сегашни) највисоки претставници на македонската политика.
Поздрав до тебе и до Денко
од Кире Трајков